Со изложба и презентација во Мобилната/Монтажна Галерија, на 25 август, АИЕСЕК ќе ги сумира резултатите од петнеделната работа на проектот Green UP. Целта на овој проект е да се подигне свеста за еколошките прашања кои постојат и со кои се соочува нашата држава меѓу македонската младина.
Во текот на настанот сите посетители ќе можат одблизу да се запознаат со сите активности и работилници преку кои децата-учесници во овој проект создадоа неверојатни дела кои го прикажуваат светот во нивните очи, планетата и природата за каква што тие сонуваат.
„Нашата цел сакаме да ја постигнеме преку разноликост, едукација, проактивност, интерактивни сесии, забавни активности и игри и креативни работилници. Сесиите ги држат студенти, 6 волонтери од Србија, Германија, Романија, Азербеџан, Кина и Литванија. Преку создавање забавни работилници за најмалечките во градинката Пролет и децата од СОС Детско Село, тие успешно ја пренесоа пораката која ќе остане во срцата на децата, да се грижат и да ја чуваат животната средина во која живееме“, посочуваат од АИЕСЕК.
Green UP е проект кој е е дел од агендата за Одржлив Развој на Обединетите Нации до 2030 година, односно, иницијатива, план за акција за луѓето за подобрување на планетата и нејзината благосостојбата. Преку него е предвидено е да се поттикнат младите да преземат иницијатива за заштита на природните ресурси за идните генерации, да се едуцираат за еколошката култура и да се мотивираат да ги преземат нештата во свои раце кога станува збор за изнаоѓање решенија за еколошките прашања кои влијаат на македонското општество.
Green UP е основан на студентска размена во најголемата интернационална студентска мрежа, АИЕСЕК, организација која е присутна во 1800 универзитети во 128 земји низ светот.