Агенција за храна и ветеринарство спречи увоз на 27 тони говедско месо од Парагвај и 22 тони ореви од Казахстан

 Агенцијата за храна и ветеринарство блокираше увоз на 27 тони говедско месо од Парагвај и 22 тони ореви од Казахстан на преминот Ќафасан. Поради неисполнување на безбедносните стандарди и потекло од неодобрени објекти, пратките се вратени, со што е спречен потенцијален ризик по здравјето на македонските граѓани, информира АХВ на својата официјална фејсбук страница.

На граничниот премин Ќафасан, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пресретна две големи пратки месо со вкупна тежина од речиси 50 тони.

Оваа акција на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, како што се наведува во соопштението е спроведена на 22 март 2026 година и претставува значаен чекор во заштитата на домашниот пазар од производи кои не ги исполнуваат строгите македонски и европски регулативи.

Увозот на 27 тони мелено говедско месо од Парагвај отвори сериозни прашања за контролата на долгите синџири на снабдување од Јужна Америка. Клучниот проблем идентификуван од страна на АХВ е потеклото на месото од објект кој не е на листата на одобрени извозници за македонскиот пазар.

Ова не е само административен пропуст, туку суштински безбедносен ризик, бидејќи Парагвај како извозник мора да гарантира дека објектите ги исполнуваат санитарните стандарди еквивалентни на оние во Европската Унија, велат од АХВ.

Меленото говедско месо е микробиолошки чувствителен производ каде секоја отстапка во процесот на производство може да доведе до контаминација. Сомнежите за здравствената исправност во овој случај беа доволна основа за итна забрана и враќање на пратката. Паралелно со месото, стопиран е увоз на 22 тони ореви со потекло од Казахстан кои се вратени назад во земјата на потекло.

Ова е една од поголемите последни акции на Агенцијата за храна и ветеренираство која пред неколку дена направи масовни вонредни инспекциски надзори во Домовите за стари лица од каде отстрани 40 килограми небезбедна храна и изрече парични мерки на 4 оператори, со што најави дека ќе се воведат засилени контроли во Домовите за стари лица во иднина и ќе се штити здравјето на ранливите корисници.

Магдалена С. Константинов