АХВ: Инспекции во сите училишта во кои ученици храни фирмата „Ванила фуд“

По вчерашното масовно труење на ученици во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, за кое се уште се утврдуваат причините, инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денескa спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во општина Карпош, со кои стопансисува истиот оператор со храна, за кој вчера директорката на училиштето Лела Николоска, за Мета потврди дека е „Ванила фуд“. Во сопственост на овој оператор со храна е и централниот магазин кој се наоѓа во основното училиште „Димо Хаџи Димов” во Скопје и од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна, пренесува агенцијата Мета.мк.

„Во рамки на превентивните вонредните контроли во овие училишта, каде нема деца кои појавиле симптоми на труење со храна, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабараториско тестирање. АХВ ги чека резултатите од тестирањата на земените примероци храна и од работните површини во рамки на вчерашната вонредна инспекциска контрола која заедно ја спроведоа инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен и санитеран инспекторат (ДСЗИ) и Ценатрот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)“, наведено е во соопштението од АХВ.

Најмалку четириесет деца од одделенска настава во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затруле најверојатно од храна која ја консумирале во текот на вчерашниот ден на училиште. Екипи од АХВ, ДСЗИ, ЦЈЗ, како и од ИЈЗ, вчера земаа мостри од работните површини и од храната, како и брисеви од раце, нос и грло на сите вработени во кујната.

Според директорката на училиштето Лела Николоска, станува збор за 40 деца.

„Вчера децата за појадок имаа корнфлекс со млеко, а за ручек јадеа мусака. Се работи за деца од одделенска настава кои имаат топол оброк и се во целодневна настава. Во текот на вчерашниот ден откако си заминале дома, пројавиле симптоми на болки во стомакот. Некои од нив родителите ги однеле на лекар. Не можам прецизно да кажам а колку деца се работи, иако засега се околу 40, попрецизни бројки ќе имаме откако ќе го видиме бројот на отсуства денеска. Во нашето училиште храна подготвува „Ванила фуд“. Не би сакала да прејудицирам дали причинител за труењето е храната или некоја бактерија од работните површини, ќе видиме што ќе покажат анализите“, рече Николоска за Мета.мк.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, вчера кажа дека веднаш е постапено по сите протоколи и дека исто така се земени мостри и од водата која ја пијат децата во училиштниот објект.

„Земени се мостри од буквално сè што ни е во интерес, а тоа се брисеви од луѓето кои работат во кујната, од раце, грло и нос. Земени се брисеви и од работни површини, мостри од храната што ја консумирале децата. На наше инсистирање земавме и од водата“, рече Андоновска.

Таа појасни дека се работи за анализи кои треба да потраат и дека не може брзо да се даде одговор за што станува збор. Андоновска кажа дека добиле девет пријави за стомачни тегоби кај деца, а освен кај ученици, досега не се пријавени симптоми од вработените во училиштето.