Поради покачените водостои на реките по неколкудневните врнежи од дожд и опасноста од нивно излевање, но и заради излевањето на реките во неколку региони во земјава, со цел навремено преземање превентивни активности за намалување на ризиците од појава на заразни болести кои се пренесуваат преку храната или водата за пиење и за заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до населението да води сметка за безбеднсота на храната, водата за пиење и за здравствената состојба и благосостојбата на животните, пренесува агенцијата Мета.мк.
„Преку медиумите да се следат информациите за временската прогноза, состојбата со водотеците во земјава, состојбата со водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење. Ако во регионите каде веќе има излевање на реките и поплавување на домовите и земјоделските површини и водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, ако има видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, сè до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна. Редовно да се одржува хигиената на рацете, пред сè по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, по чистењето и пред подготовка на храна. Да се внимава и се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води“, се наведува во препораките на АХВ.
Во домаќинствата кои се поплавени, храната која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, се препорачува ваквата храна да се фрли.
„Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот кое обично се користи свежо, дополнително да се измие, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи. Доколку во домаќинствата кои се поплавени има мали деца, се препорачува тие да се хранат со индустриски подготвена храна. Без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени и во случај на поплавување да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните“, се додава во соопштението.



