Младите луѓе кои живеат на места со високи нивоа на загаден воздух се со многу поголеми шанси да имаат психотични доживувања, укажува научна студија.
Научниците ги анализирале искуствата на повеќе од 2.000 17-годишници од Англија и Велс и откриле дека оние кои се живеат на места со повисоки нивоа на азотни оксиди имаат 70% поголеми шанси да имаат симптоми како слушање гласови или интензивна параноја.
Веќе беше познато дека луѓето кои растат во градовите имаат повеќе психотични доживувања отколку оние кои се надвор од урбаните локации, а ова истражување покажува дека една од можните причини за тоа е токму загадениот воздух.
Психотичните доживувања се многу почести кај адолесцентите отколку кај возрасните, но оние кои ги имаат овие симптоми во младоста имаат поголема шанса да развијат сериозни ментални заболувања подоцна во животот.
Истражувањето ги имало во предвид и другите потенцијални причинители за психотичните епизоди, како пушењето, алкохол и употреба на канабис, примањата во семејството и психијатриската историја.
„Азотните оксиди ги објаснуваат околу 60% од поврзаноста меѓу урбаното живеење и психотичните доживувања“, вели Џоан Њубури, од Кралскиот колеџ во Лондон, која го предводела истражувањето.
Останатите фактори вклучуваат и генетските предиспозиции и искуства со криминал.
„Постои некаква поврзаност меѓу изложеноста на загаден воздух и ефектите во мозокот и ова ново истражување е уште еден пример за тоа. Децата и младите се најподложни на здравствените влијанија на аерозагадувањето што се должи на младоста на мозокот и респираторниот систем“, вели Френк Кели од Колеџот, кој исто така учествувал во истражувањето.