ААМ: Го сакам ГТЦ повеќе од било кога

Асоцијацијата на архитекти на Македонија реагира на најавите за менување на изгледот на Градскиот трговски центар во Скопје кои зачестија во изминатиот период, една година по градските протести „Го сакам ГТЦ“, кога голем број граѓани излегоа и јавно кажаа дека не сакаат барок на овој објект.

ГТЦ

Радио МОФ интегрално ја пренесува нивната реакција во која објаснуваат што е сторено досега, кои се опасностите, но и идните планови на асоцијацијата:

„ААМ како единствено професионално здружение на архитектите во РМ има одговорност и обврска повторно да реагира со обид за спречување на одлуката за скрнавење на еден од најсветлите примери на македонското модерно културно наследство, објектот на Градскиот Трговски Центар ГТЦ.

Покрај сите активности на ААМ преку одржаниот протест, потпишување петиција за заштита на ГТЦ и барање до Комората на овластени архитекти и инжењери КОАИ за поведување дисциплинска постапка за одземање овластувања на авторите на новиот проектот за ГТЦ упатено врз основа на Статутот и Кодексот на Комората, изготвувањето на Основниот проект за затварање на Градскиот Трговски Центар преку доградба и стилско-фасадна измена и намерата тој да го изгуби својот модерен белег и понатаму продолжува.

Како професионалци, архитекти, колеги и членови на ААМ должни сме и имаме обврска повторно да го изразиме својот став. Мораме да ја подржиме идејата за зачувување на автентичната архитектура на објектот, но и карактерот и духот на ГТЦ кој се состои во една градска, урбана структура, природно вклопена со плоштадот, кејот, паркот, која ја живееме сите и на сите ни припаѓа.

ААМ е струково здружение на архитектите, кое нема да прифати етикетирање за било каква политичка припадност ниту наклонетост. Несогласувањето и негативната критика упатена во поглед на крајно непромислените интервенциите во централниот градски простор во последните пет години се исклучиво од стручен аспект. Овие постапки го доведуваат во прашање културното ниво на современото македонско товрештво и со тоа неповратно се нарушува угледот на архитектите во Македонија гледани од надвор. Слух за дијалог, сослушување, стручна анализа и соработка од страна на нарачателот не постои. Единствениот однос кој нарачателот го има со ААМ е молк и игнорирање. ААМ нема моќ и инструмент на делување да го спречи она што се случува. Инструментот е во рацете на нарачателот.

ААМ испрати дописи до трите архитектонски школи: Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Американ колеџ и Тетовскиот универзитет, како и до Комората на овластени архитекти и инжењери КОАИ каде над 50% од членовите се архитекти при Одделението за архитектура, да земат учество на обраќањето до јавноста и јавно го изнесат својот став по однос на ГТЦ. Одговор не примивме од никого. Единствен одговор е повторно молк.
ААМ се обрати и до Општина Центар во чии граници се реализира наметнатата архитектура, општина која покажа отвореност за соработка и дијалог со архитектите. Раководителот на секторот урбанизам, архитект Бисера Јакимовска ја прифати поканата на ААМ за учество на пресот.

Сознанијата што ги има ААМ во однос на ГТЦ се дека Основниот проект се изработува. Со најновите измени на Законот за градење од во февруари 2014 г. се додава чл: 67-а во кој се предвидува советот на општината, советот на општината во градот Скопје, односно Советот на градот Скопје со одлука можат да го утврдат изгледот на фасадата на еден или повеќе објекти. Ова значи дека советот на градот се стекнува со законско право да ги менува фасадите, дури и на бесправно изградени објекти. Доколку надградбата и доградбата претставува функционална целина и се наоѓа на објект со јавна или деловна намена, право на сопственост на објектите стекнува советот (на градот!?) кој ја донел одлуката за изгледот на фасадите. На ваков начин градот Скопје ќе стане и правен сопственик на доградбата на ГТЦ.

Во јануари 2014 ААМ повторно испрати допис до Комората да интервенира во спречување при донесување на дополната во Законот за градба со член 67-а и во овој случај Комората повторно остана нема на нашата реакција.

ГТЦ е со адреса на Кеј 13 Ноември и е воедно главна улица во градот. Според Закон за град Скопје главните улици спаѓаат под Градот и градот дава одобрение за градење. Што значи за фасадното менување и доградбата на ГТЦ одобрение за градење на Основниот проект ќе издаде градот, а не општина Центар. На овој начин секоја промена, доградба и измена на ГТЦ е озаконета.
Во Македонија изминатите 6 години во просек Закон за градење се менува и доплнува 6 пати годишно. Ова е одлика на неквалитетно и несигурно делегирање кое никаде во свет не се случува. Можеби најголема цел на на честите измени на законот е да се реализира по секоја цена проектот СК 2014 преку девалвација и дискриминација на стручната архитектонска критика, а воедно се да биде законски и легитимно издржано. Во наведените услови ААМ нема никаква можност да го спречи скрнавењето на ГТЦ. Единствено што и преостанува е обврската и одговрност и кон членовите и кон граѓаните и кон градот. Поради ова ААМ мора да го повторува својот став како би оставила трага и пренела порака на идните генерации дека ова што му се случи на градот не успеавме да го спречиме, бидејќи сите патишта ни се затворени и немаме соговорник. Борбата за ГТЦ е симбол на борбата на се она што му се случи на Скопје, единствено тој ни остана. Единствена прилика е нарачателот конечно да го слушне гласот на архитектите и граѓаните и да го обнови ГТЦ, но притоа никако да не го наруши концептот, функцијата и автентичното архитектонското обликување на објектот. ААМ го моли нарачателот за разбирање, соработка и дијалог.

ААМ поднесе иницијатива до Општина Центар за распишување референдум за подршка на идејата за зачувување на автентичноста на архитектурата на објектот, духот и карактерот на ГТЦ“.