„А бе, го сакам БАИРО ЧИСТ“ – граѓаните бараат еколошки и комунални решенија за битолски Баир

Поголема соработка меѓу граѓанските здруженија во Битола за интензивирање на притисокот врз институциите и јавноста во градот за трајно решавање на еколошките и комуналните проблеми во населбата Баир. Поголем ангажман на граѓанскиот сектор и институциите во зголемувањето на еколошката свест кај ромското население.

Ова се дел од заклучоците на тркалезната маса која вчера се одржа во Битола, организирана од регионалното географско друштво Геосфера, во рамките на проектот „А бе, го сакам БАИРО ЧИСТ“ поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија, во соработка со Центар за еколошка демократија Флорозон од Скопје и Националната коалиција за животна средина, во која членуваат над 30 организации од државата.

Според Геосфера, имало конструктивна дебата меѓу граѓанските организации и институциите од Општина Битола, а се дискутирало за супстандардните услови за живот на ромското население во населбата Горен Баир во Битола и се предложувале одржливи решенија за надминување на проблемите со дивите депонии, спалувањето на кабли и загадувањето на воздухот, како и проблемите со водоснабдувањето и хигиената на населението во услови на пандемија.

Територијално ширење на Горен Баир

Како што информира здружението, во текот на дебатата, јавните комунални претпријатија ги истакнале нивните заложби за надминување на проблемите, но биле наведени и постојаните пречки со кои се соочуваат на терен. Од друга страна, граѓанските организации инсистираат за носење на одржливи трајни решенија, кои целосно ќе ги решат проблемите, а не нивно краткорочно решавање.

Во однос на двете големи диви депонии кај игралиштето за фудбал и потрупаниот канал за прифаќање на поројните води, било констатирано дека каналот е под надлежност на ЈП Нискоградба и во моментот претставува потенцијална опасност од поплави за населбата Бадембалари, при евентуални поројни врнежи и истиот во најбрзо време треба да се исчисти.

„За да немаме повторно затрупување на каналот со отпадоци, беше предложено на локација од ЈП Комуналец да се постави контејнер со голем капацитет, до кој има услови за пристап на камион, но и се предложи вработување на едно ромско лице од Горен Баир во ЈП Комуналец, кое ќе биде постојано присутно на терен и ќе ја одржува хигиената на тој простор“, велат од Геосфера.

Понатаму, присутните заклучиле дека е потрено зголемување на притисокот врз Општина Битола за организирање на расправа меѓу стручните лица за промена на урбанистичките планови и урбанизирање на населбата Горен Баир, со што ќе се овозможат инвестиции во водоводната и канализационата мрежа и трајно ќе се решат проблемите со водоснабдувањето, или дислоцирање на населбата на соодветен простор.

„Поголема присутност на инспекторатот за животна средина на терен во населбата и санкционирање на палењето на кабли. Во исто време, разгледување на идејата за организиран откуп на гумата од каблите, за дополнителна мотивација на населението за несогорување на каблите и намалување на загадувањето на воздухот во Битола, особено во населбата Баир и Бадембалари. Примената на механизмот за бесплатна правна помош во случај на нарушување на правото за здрава животна средина и чиста вода е невозможно во овие случаеви, бидејќи населението е нелегално населено во оваа населба“, се другите заклучоци од тркалезната маса.

На настанот беа презентирани резултатите од теренските истражувања во населбата Горен Баир, кои ги спроведе Геосфера-Битола, а се однесуваат на анкетирање на населението за најголемите еколошки и комунални проблеми, нивно мапирање и промоција на ВИДЕО за животот на ромското население.