Првата мартовска проекција на дебатното кино „Контра кадар“ во Скопје ќе го одбележи Меѓународен ден на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите – 8 март.
Овој понеделник, во Кино Култура ќе се прикажува францускиот филм „Без кров и закон“ на режисерката Агнес Варда, која важи за една од највлијателните француски режисерки и професорка, со особен интерес за феминистички и социјални теми. Проекцијата е закажана во 19 часот, а по филмот следува дискусија со публиката на тема: „Женското лице на револуцијата”.
„Ќе разговараме за поврзаноста на борбата за родова и социо-економска еманципација на жената, за аспектите на вреднување на женскиот труд, за разликите меѓу формите на независна и организирана женска еманципација, за релацијата меѓу академскиот и социо-политичкиот феминизам. Како и до сега, во разговорот се повикани да учествуваат сите присутни“, велат организаторите.
Гостинка на дискусијата е Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и професор по филозофија, општествена/културна теорија и родови студии.
Влезот е бесплатен.