[Став] Студентските протести во Јужна Африка се лекција за сите универзитети

Насилството во универзитетите во Јужна Африка ескалираше од оштетување статуи и уметнички дела и конфронтации со обезбедувањето и полицијата, до палење на згради и брутални пресметки меѓу студентски фракции. Ова е втора година откако започна конфликтот за поскапите школарини, намалувањето на места за сместување и недоволно платениот персонал.

Основа на  гневот на младите е наследството на расната дискриминација и колонијализмот, високата стапка на невработеност и сѐ поголемата нееднаквост во приходите. Иако формата на протест во кампусите е специфична за Јужна Африка, има своја паралела во други системи на високо образование, како Британија и САД.

Гледаме глобална загриженост за ниско платените и работниците имигранти кои обезбедуваат значајни услуги на кампусот, и ефектите на нееднаквоста во школарините за високото образование. Кампусите во САД се разорани од расни тензии, додека Европа е сведок на прираст на ксенофобијата за време на бегалската криза.

Протестите во Јужна Африка започнаа на север, во Тшване универзитетот за технологија, на почетокот на минатата година, кога студентите не можеа да запишат година поради неплатени студентски такси. Ова се влоши со неможноста да земат државен заем или стипендија од Националната шема за финансиска помош на студенти (NSFAS). Пресметките се проширија и на другите кампуси, заземајќи различни форми.

Наредни кои презедоа акција беа три универзитети на југот. Во Универзитетот на Кејп Таун, студентите протестираа против остатоците на колонијализмот, симболизирани со меморијалниот споменик на Сесил Џон Роудс. Студентите на Стеленбох изработија моќен и евокативен филм – Luister (Слушај), кој ги документира секојдневните животни искуства на црните студенти и нивното соочување со расизмот и дискриминацијата. Студентите на Универзитетот Западен Кејп протестираа против големите долгови, поради кои беа спречени да дипломираат.

Несогласувањето премина во национално движење во октомври, кога универзитетите започнаа да најавуваат зголемување на студентските такси за 10 проценти во академската година 2016. Владата беше приморана да ја прекине иницијативата да се зголемат таксите и да најде итно финансирање за да ги компензира универзитетите за големите загуби.

После овој компромис, владата воспостави комисија за истрага на студентските фондови, која треба да даде извештај во октомври годинава. Буџетот за 2016, донесен во парламентот кон крајот на февруари, потпиша продолжување на прекинот за уште две години.

Но, и покрај овие мерки, протестите ексалираа и веројатно е дека ќе продолжат. Причината за тоа е што нивниот корен лежи во тешката економска реалност која не може да се реши со моменталниот модел на студентско финансирање.

Дури и ако таксите останат исти во наредните три години, студирањето на државен универзитет е прескапо за оние кои доаѓаат од просечна јужноафриканско семејство. Причината е што прераспределбата на добивката е креирана да им биде од корист на 20 проценти од домаќинствата. Просечниот годишен приход во едно домаќинство во Јужна Африка е околу 3500 фунти. Школарината и животните трошоци за една година на факултет чинат повеќе од тоа.

Универзитетската криза покажа како расата и историјата и понатаму влијаат врз речиси секој апсект на јавниот живот во Јужна Африка. Интензивните дебати во кампусите и медиумите отворија простор за разочарувањето и гневот на многумина црни Јужноафриканци родени после револуцијата водена од Мандела во раните 90-ти.

Меѓу овие протестанти има и студенти кои зависат од финансиската помош и такви кои доаѓаат од црнечката средна класа која се бунтува. Нивната интелектуална инспирација доаѓа од антиколонијализмот на Франц Фанон. Нивниот фокус е ставен на студиските програми кои ги сметаат за тесни и нереформирани, и на култури и пракси кои ги позиционираат како недобредојдени странци во јавните универзитети, во нивната сопствена земја.

Низ Јужна Африка, невработеноста е висока, а инфлацијата расте, делумно и поради сушите. Општинските власти не успеваат да одговорат на побарувачката за основни услуги, како вода и канализација.

Овие сѐ пошироки околности оформија паралелна кампања која ја започнаа работниците во универзитетите, кои бараат повисоки плати и поголеми бенефиции.

Универзитетите во Јужна Африка се прв знак за неволја и поголеми приблеми во високото образование воопшто. Нееднаквоста во приходите и поскапите школарини, иако се екстремни во Јужна Африка, се присутни и во многу други земји. Дискриминацијата врз основа на раса, етницитет и слично, се исто така чест проблем.

Може да се дознаат значителни податоци доколку се споредуваат расните тензии низ кампусите во САД, или со дискриминацијата кон муслиманските студенти во Британија. А, порастот на ксенофобијата и неправедната дискриминација над бегалците е проблем кој јужноафриканските универзитети го делат со секој универзитет во Европа.

Пишува Мартин Хол, професор на Универзитетот во Кејп Таун и поранешен вице-канцелар на Универзитетот во Салфорд, за Guardian