Light Fantastic – експерименти и демонстрации за природата на светлината на ПМФ

Утревечер во Големиот физички амфитеатар на Природоматематичкиот факултет, со почеток од 17 часот ќе се одржи Light Fantastic, настан наменет да ја доближи фантастичната природа на светлината преку спектакуларни експерименти и демонстрации до посетителите.

„Настанот се одржува по повод Интернационалната година на светлината, која и ние сакавме да ја одбележиме на некој начин. Настанот е регистриран и на официјалниот сајт на годината на светлината.  Основната цел е пошироката публика да се запознае  со улогата на светлината во нашите секојдневни животи и да се демонстрираат некои највообичаени нејзини феномени што се среќаваат насекаде“, вели Марко Шунтов, член на Македонското друштво на студенти физичари.

Влезот е отворен за сите, но е ограничен на 250 посетители. Од здружението замолуваат посетителите да пристигнат барем десетина минути порано, бидејќи по почетокот на настанот влезот ќе биде затворен, а просториите затемнети.

Инаку, Интернационалната година на светлината се состои од координирани активности на национално, регионално и интернационално ниво во рамки на Обединетите нации. Активностите се смислени за луѓе од сите возрасти и групи да дознаат повеќе за улогата на светлината во науката и културата.