Досега непознат ракопис со музика од Бетовен продаден на аукција за сто илјади долари

Рачно напишаната партитура за композиција позната како „Крал Стефан“ била неодамна пронајдена во куќа во Конектикат, после што била продадена на германски дилер на антиквитети.

Професионалниот проценител Брендан Рајан го забележал листот на кој биле испишани ноти и текст на германски, зад стаклен излог во домот на жена во американското гратче Гринич.

Автентичноста на композицијата подоцна била потврдена од Кармело Комбериати, кој му бил професор на Рајан на факултет, и ги студирал ракописите на Бетовен.

Три дупки на страната на листот хартија покажале дека е дел од тетратка во која Бетовен ја запишал „Крал Стефан“ во 1811 година.

Комбриати вели дека Бетовен, за разлика од другите комнпозитори, ја чувал својата работа. „Бетовен ги запишувал своите идеи. Кај повеќето композитори, го имаме само финалниот производ, а останатото го фрлале. Бетовен не фрлал ништо“, рекол тој за Greenwich Time, а пренесува NME. „Ја најдов тетратката и местото каде недостига лист хартија, и поврзавме сѐ“.

„Крал Стефан“ е едно од помалку познатите и помали дела на Бетовен, а денес се изведува само неговата увертира. Делото било создадено за претстава напишана од Август фон Коцебу за отворањето на Унгарскиот театар во Пешта. Во неа се раскажува животот на основачот на современата Унгарија кон крајот на 10-тиот и почетокот на 11-тиот век.

Иако ракописи од Бетовен често се продаваат на аукција, страницата од „Крал Стефан“ е необична бидејќи досега не се знаело дека воопшто постои.