Експерти на ОН запрепастени од родовата нееднаквост во САД

Делегација од три жени-експерти од Полска, Велика Британија и Костарика, испратени од Обединетите нации, десет дена овој месец престојувале во САД, каде подготвувале извештај за родовата еднаквост во оваа земја, односно за севкупниот третман на жените. Делегацијата ги посетила државите Алабама, Тексас и Орегон, а според нивните сведочења, во САД постои запрепастувачки лоша ситуација со родовата еднаквост.

Во извештајот на ОН стои дека САД се далеку зад меѓународните стандарди за човекови права кога е родовата еднаквост во прашање, во повеќе области – жените во просек добиваат за 23% пониски плати од мажите, породилното отсуство не е гарантирано, а жените-мигранти се лошо третирани во собирните центри.

Експертите на ОН Eleonora Zielinska (лево), Alda Facio (во средината) и Frances Raday (десно).

Експертите на ОН Eleonora Zielinska (лево), Alda Facio (во средината) и Frances Raday (десно).

Според сведоштвата на Zielinska, Facio и Raday, можеби најсликовитиот дел од нивниот престој во САД била посетата на клиника за абортус во Алабама, каде имале „блиска средба“ со противниците на абортусот.

„Ние бевме малтретирани. Двајца мажи стоеја пред вратата, чекајќи да не навредат. Мажите извикуваа: ‘Вие убивате деца’“, вели Raday.

„Ова е еден вид тероризам. Ние бевме шокирани“, вели полската активистка Zielinska.

Делегацијата на ОН исто така забележала дека на жените во САД „им фалат“ некои права во споредба со остатокот од светот. На пример, САД се една од трите земји во светот кои не им гарантираат на жените право на платено породилно отсуство, според Меѓународната организација на трудот. ОН препорачуваат најмалку 14 недели платено породилно отсуство. Во Исланд, на пример, и мајката и таткото на детето добиваат по пет месеци породилно отсуство од работа, заедно со дополнителни два месеца кое родителите можат да го користат меѓу себе.

„Овој недостиг на однос кон бременоста на работното место е шокантен. Незамисливо во кое било општество, а секако во едно од најбогатите општества во светот“, вели Raday.

Уште една област во која има загрижувачки трендови е насилството врз жените, особено насилството во кое е вклучено огнено оружје. Жените во САД имаат 11 пати поголеми шанси да загинат од огнено оружје отколку во другите развиени земји. Повеќето вакви убиства се дело на брачните другари или интимните партнери.