Ромски брачен пар доби судска пресуда за дискриминација на македонската граница

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија е задолжено да плати надомест на штета на двајца сопружници Роми, на кои не им било дозволено да ја напуштат државата за да го посетат своето семејство во странство, соопштија од Европскиот центар за правата на Ромите. Судската одлука е донесена неделава, а брачниот пар бил застапуван од Македонското здружение на млади правници, со поддршка од Европскиот центар за правата на Ромите.

Пред две години, сопружниците Мухадинови заедно со своите внуци тргнале на патување за да го посетат семејството кое живее во Швајцарија. Тие биле единствените патници во автобусот на кои покрај пасошите им биле побарани дополнителни документи. Брачниот пар ги имал сите документи, односно повратни билети, гарантно писмо, како и 2.000 евра во готово. Сепак, не им било дозволено да ја напуштат државата и автобусот заминал преку границата без нив.

„Вакви приказни постојано им се случуваат на македонските граѓани кои се по потекло Роми. Тоа се случува единствено поради тоа што овие граѓани се Роми, особено дискриминирана заедница во РМ, поради тоа што кај македонските власти постои сомневање дека Ромите кои ќе излезат од државата ќе бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ. Судијата во конкретниот случај нашол дека брачната двојка била жртва на расна дискриминација и дека уставно загарантираното право на слобода на движење и напуштање на државата им било прекршено“, се вели во соопштението.

Основниот суд Битола го задолжил Министерството за внатрешни работи на РМ да ја надомести штетата во износ од 30.000,00 денари за секој од тужителите посебно. Застапниците на ромскиот брачен пат очекуваат Министерството да ја обжали пресудата.

„Ја поздравуваме одлуката на Основниот суд Битола, која ја следи позитивната пракса на Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје. Ова е втор случај поддржан од Македонското здружение на млади правници каде судот утврдил дискриминација и повреда на правото на еднаков третман по основ на етничка припадност. Одлуката е од особено значење земајќи во предвид дека го засега и правото на слобода на движење на ромската популација, како и системската дискриминација во Република Македонија во последните четири години,“ вели Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, проектен менаџер во Македонското здружение на млади правници.