Музичка апликација ги заменува зборовите со звуци за да овозможи полесно изразување на емоции

Кога Ivor Williams и Alex Rothera биле тинејџери, ги изгубиле своите најдобри пријатели поради самоубиство и сообраќајна несреќа. Преку нивното искуство, ја сфатиле потребата на младите луѓе да ги изразат своите чувства на поразличен начин.

Сфатиле и дека понекогаш зборовите не се доволни.

Со своето знаење како дизајнер и програмер, Williams и Rothera ја основале компанијата Humane Engineering, технолошка компанија која создава производи кои го подобруваат секојдневиот живот на луѓето. Нивниот прв изум е апликација која го решава проблемот на недостиг на зборови за артикулирање на различните емоции. Cove е „музички дневник“ кој им овозможува на корисниците да создаваат репетитивни музички секвенци врз основа на различни расположени, кои можат да ги зачуваат во дневник или да ги споделат со другите.

„Cove е дизајнирана да ги дестигматизира емоционалните проблеми и не е слична со традиционалните апликации за создавање на музика“, велат. „Место инструменти или музички ноти се користи визуелен јазик со вода и камен. Поврзувањето на чувствата и расположението со музиката е полесно место пишување на забелешки или зборување“.

Heather Servaty-Seib, психолог и професор на универзитетот Purdue, вели дека децата не секогаш имаат психолошка способност да ги процесираат емоциите вербално. Во тој случај, музиката станува погодна алатка за изразување.

„Музиката им овозможува на луѓето да го искажат она за што не се свесни“, вели таа за Wired.

Cove функционира преку избирање на шест различни емоции кои треба да го постават тонот на песната: разиграност, смиреност, тежнеење, мир, тага и измачување. Музичките шаблони, како бас линијата и мелодијата, се формираат преку фрлање на камчиња во водата. Потоа, можете да ги смените звуците со филтри. Кога ќе завршите, можете да ја зачувате мелодијата во вашиот „дневник“, каде можете да запишете сé што би додале на тоа расположение.

Извор: Mashable