Српската влада нуди „еднократна парична помош“ за просветните работници, тие ја одбиваат како „крајно понижувачка“

Форумот на белградски гимназии ја повика Владата на Србија да ја повлече одлуката за исплата на „еднократна парична помош“ од 7000 динари (околу 58 евра) за просветните работници, затоа што исплатата на тој износ би претставувала „крајно понижување за просветните работници“.

Измените на Законот за буџети со кои треба да се исплати помошта вчера поминаа во Парламентот на Србија со оваа сума, откако претходно од Владата најавуваа дека помошта ќе биде помала, односно 6000 динари.

Форумот на белградските гимназии во својата реакција додава и дека доколку Владата и натаму ја најавува исплатата на оваа помош, ќе ги повикаат колегите во школите низ Србија да ја одбијат, а сите синдикати на генерален штрајк.

„Премиерот Александар Вучиќ длабоко се замери со српското образование со тоа што прво го понуди несреќниот износ од 6000 динари, а потоа ја зголеми својата понуда за уште 1000. Кон својот политички маркетинг, премиерот го додаде и своето неточно тврдење дека „синдикатите толку барале“ и со тоа на целата јавност просветарите и ги прикажа како просјаци кои не бараат многу, па не треба и многу да им се даде“, се вели во соопштението на Форумот.

Организацијата наведува и дека вистинската вистина е дека Владата со синдикатите потпишала договор во кој, меѓу другото, се обврзала во оваа година да им исплати на вработените надомест за подобрување на материјалната состојба „до износ од една плата“.