Концерт на електроакустична музика со дела на композиторката Ана Пандевска

Во Музејот на град Скопје вечер од 20 часот ќе се одржи концерт на електроакустична музика со дела од младата и афирмирана композиторка Ана Пандевска.

На програмата се дела за пијано, гитара, хорна и четирирачно пијано и трака, меѓу кои „Landscape Atmosphere“, „Life in a box“, „Echo Illusions”, „The space time traveler“…

На концертот ќе настапат пијанистите Дуња Иванова и Ива Виденовиќ, гитаристот Ади Имери и Никола Велковски на хорна.

Ана Пандевска дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на одделот за композиција. Нејзин интерес и инспирација во дел од нејзините композиции се вокалната музика, фолклорот и џезот.

Авторка е на солистички, камерни, хорски и симфониски композиции. Во последните неколку години истражува во областа на електроакустичната музика. Како редовен член на СОКОМ, Пандевска е добитник на три награди за класична композиција.