Неписменоста е сериозен проблем за учениците во Македонија

Студенти кои се уште не знаат да пополнат молба или пријава и ученици кои знаат да читаат, но не го разбираат прочитаното, се соочуваат со ист проблем – неписменост. Понова официјална статистика за нивото на писменост во земјава нема, иако во мај годинава 1500 ученици пробно беа дел од меѓународното ПИСА тестирање.

Последното ПИСА истражување за процена на писменоста во Македонија е извршено дури во периодот од 2000-2001 година, кога резултатите беа поразителни. Македонија беше на 31-та позиција во конкуренција на 42 држави, во иста група со Индонезија, Бразил, Перу, Албанија и Чиле. Познавачи од оваа област велат дека дополнителен проблем е и тоа што на писменоста се уште се гледа само на вештината да се пишува и чита, наместо да се разбира и дискутира. Наставници коментираат дека иако овој проблем се провлекува двеасетина години, ова не ги спречува одговорните институции да воведуваат нови реформи во образованието.

Викторија Димитровска, една од координаторите на проектот за подобрување на писменоста „Чекор по чекор“ во рамки на Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), смета дека процената на јазичната и математичката писменост кај учениците од почетните одделенија е од суштинско значење за подобрување на квалитетот на образованието во училиштата.

Нивното истражување, спроведено минатата година во кое беа вклучени 2 021 ученик од 42 училишта, покажало дека учениците од второ и трето одделение во Македонија заостануваат затоа што не читаат со доволна брзина за да го разберат текстот, а потоа точно да одговорат на прашањата во врска со прочитаното. Нивото на читање на крајот од второто одделение е околу 40 точни зборови во минута, наспроти меѓународниот стандард, кој бара 45-60 зборови. Состојбата е полоша кај постарите ученици, кои на крајот од третото одделение читаат од 65 до 72 точни зборови во минута, иако меѓународниот стандард е 90 зборови, покажува истражувањето на УСАИД.

Резултатите од процената на математичката писменост, пак, укажала на тоа дека учениците имаат солидни резултати кај задачите кои бараат меморија, препознавање на броеви и основно собирање и одземање, но покажуваат слабост при применување на знаењето и кај посложените задачи.

„Процените на писменоста особено на вештините за читање ги спроведуваат педагозите во училиштата како дел од нивната педагошка работа. Меѓутоа досега тие се спроведуваа со инструменти изработени уште во времето кога Македонија беше дел од Југославија или со инструменти кои тие самите си ги изработуваат“, забележува Димитровска која ја нагласува потребата од користење на посовремени, системски методи за проценка на јазичните вештини кај учениците.

Новите реформи, кои се воведуваа изминатите години во основното образование, честопати поттикнуваа јавни дебати за нивниот квалитет, пред се поради недостигот на информации и користените алатки за проверка на нивото на писменост кај учениците. Како најголеми реформи беа воведени деветгодишното образование, од 2007 година, но и новите наставни програми на Кембриџ по математика, од лани.

Според наставникот по англиски јазик Влатко Секуловски, државата не учествува на меѓународните тестирања, ниту употребува други методи за мерење на писменоста, бидејќи како што вели, бега од одговорност и преземање на мерки.

„Ние глумиме дека работиме на проекти како екстерното тестирање, компјутер за секое дете, само за на телевизија. Ако работиме на некој проект треба да поставиме методологија и да ги видиме резултатите. За вистински реформи потребна е храброст, а тоа го немаме, немаме почитување, нема јавна дебата“, смета Секуловски.

„Кембриџ програмата е вистинска катастрофа, кај неа изостанува двонасочен пристап, дијалог. На пример, учебниците по англиски јазик, кои се вистински напишани по Кембриџ програмата после секоја лекција има дел со читање, но во учебниците по македонски јазик нема такво нешто. Нема опипливи вежби за читање“, додава тој.

Со свои забелешки за Кембриџ програмата се надоврзува и професорот по математика д-р Ристо Малчески, кој вели дека познавањето на нивото на различните видови на писменост е важен елемент за развој на образовниот систем. Според професорот, недостасуваат споредбени анализи.

„Ако пред промените на програмите по математика се наоѓавме во т.н. златна средина во рамките на Балканските држави, со новите наставни програми од т.н. Кембриџ, со сигурност сме на дното.  Последните промени во наставните содржини по математика со сигурност ќе се јават како пречка во развојот на талентираните ученици за математика, бидејќи во новите програми, а со самото тоа и во учебниците, не може да се види целта зошто се учи математиката. Притоа учебниците се обременети со банални и непотребни примери, како и со доста научни грешки во 4,5, и 6 одделение“, рече Малчески.

Тој забележува дека недостигаат алатки за проверка на писменоста од страна на надлежните институции.

„Ваквите алатки по правило треба да се дел од образовните стандарди кои за жал Република Македонија ги нема, што може да се заклучи и од драстичното нарушување на и онака ниските стандарди во областа на математиката“, аргументира Малчески.

ПИСА тестирањето во 2001 утврди дека најголем дел од македонските ученици се наоѓаат под основното ниво на писменост во категоријата читање со разбирање. На ниво од 1 до 5 во оваа категорија, 63 отсто од македонските ученици успеале да стигнат до ниво еден, или подолу.

„Овие ученици се способни да читаат во техничка смисла, но не се способни читањето како алатка да го употребат за да го унапредат и прошират нивното знаење во други области. Постои ризик кај овие ученици да се соочат со сериозни потешкотии во нивната транзиција од образование кон пазарот на труд, како и неуспех да бенефитираат од продолжување на свето образование”, стои во Извештајот од 2001 година.

Резултатите од меѓународната студија по математика и природна група предмети – ТИМСС,  која ги мери знаењата и способностите на учениците во четврто, во осмо одделение и на крај на средното образование од 2011 година посочуваат дека квалитетот на македонското образование се сочува со сериозен пад. Имено, просечниот успех на тестирањето во 1999 година е 447, во 2003 е 435, за во 2011 да се намали на 426.

Македонија според ТИМСС беше ставена во категоријата на земји, каде од 15 до 25 отсто од осмоделенците не успеваат да го постигнат ни основното ниво во категоријата на читање со разбирање, заедно со држави како Иран, Палестина, Сирија.

Покрај УСАИД, истражување за нивото на писменост кај учениците спроведе и Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ). Во периодот од 2008 до 2013 година УНИЦЕФ спроведе споредбена анализа кај учениците од прво до трето одделение, врз основа на резултатите добиени од тестовите по математика и читање со разбирање.

Според Нора Шабани, одговорна за образование при канцеларијата на УНИЦЕФ, иако сликата можеби се подобрила за нијанса, сепак државата е далеку од меѓународните стандарди. Шабани вели дека за да се оставарат видливи промени потребни се минимум десет години активна работа на ова поле.

Од Министерството за образование и наука, до објавувањето на текстот се уште не добивме одговор на прашањата за последните резултати од пробното ПИСА тестирање , и употребуваните алатки за мерење на писменоста кај учениците. Прашањата, како што побараа од службата за односи со јавност во МОН, Радио МОФ ги достави на службениот мејл на портпаролите.

МОН се уште го нема објавено датумот на кој ќе се спроведе официјалното ПИСА тестирање, што според најавите ќе ја чини државата 182 000 евра. Со пробното тестирање во мај беа опфатени сите ученици кои навршиле 15 години, во сите јавни и приватни средни училишта.

На светско ниво, според податоците на УНЕСКО и други меѓународни организации, околу 250 милиони деца на училишна возраст не успеале да ги совладат основните вештини за писменост дури и додека се во училиште. Според Европската мрежа за писменост, на еден од пет возрасни луѓе во Европа им недостасуваат вештини за основна писменост – на пример, да разбере инструкции од шише со лекови. Во 2000 година, меѓународната заедница се обврза дека ќе ги намали стапките на неписменост за 50 отсто до 2015 година, но, според Институтот за статистика на УНЕСКО, повеќето земји го пропуштиле рокот.

Е.П.