Свечено доделување на Меѓународната книжевна награда „Табернакул 2015“

Во новиот објект на Македонскиот народен театар утре(четврток, 15 октомври) свечено ќе им биде врачена Меѓународната книжевна награда „Табернакул“ на овогодишните лауреати Херта Милер и Том Стопард.

По тој повод ќе бидат промовирани и новите четири изданија на Табернакул: романот „Патничка на една нога“ и книгата есеи „Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко“ од Херта Милер, како и трилогијата „Брегот на Утопија“ и трите драми (во една книга) „Аркадија“, „Рокенрол“ и „Тежок проблем“ од Том Стопард.

За ликот и делото на Херта Милер ќе говори Виктор Ерофеев, руски писател и претходен добитник на оваа награда, а за творештвото на Том Стопард, обраќање ќе има Горан Стефановски.

Херта Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување почнала уште во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се преведени на повеќе од дваесет јазици.

Том Стопард (1937) е британски драмски писател. Од 1997 е носител на титула витез што ја доделува британската кралица. Роден во Чехословачка, за време на нацистичката окупација пребегнал и по Втората светска војна се преселил во Велика Британија, откако поминал три години во интернат во Индија. Работел како новинар и како театарски критичар. Автор е на повеќе култни драми, меѓу кои е „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ поставена на сцената на Драмскиот театар во Скопје, како и на сценариото за филмот „Вљубениот Шекспир“.

Целта на оваа книжевна награда е да ги промовира најзначајните, светски признати книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни книжевни и културни глобални достигнувања.