Семинари на ЦИВИЛ за слободни избори викендов во Охрид и Битола

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со серијата семинари на тема „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ кои се во рамките на истоимениот проект на ЦИВИЛ. Семинари ќе се одржат во Битола во сабота, а во Охрид во недела.

„Учесниците на семинарите ќе се запознаат со неколку различни аспекти на нашата работа поврзана со изборите, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто. Исто така, овој семинар е почетна фаза за градење на широка мрежа за поддршка на процесите кои треба да водат кон слободни избори.

Семинарите се еднодневни и опфаќаат теоретски и емпириски аспекти на изборните процеси, изборни системи и системски недостатоци, политичка кампања и улогата на медиумите, мониторинг, известување и едукација за изборните процеси, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто, како и практични насоки за мониторинг на изборните процеси.

ЦИВИЛ ќе формира и Регионални работни групи за слободни избори на кои ќе покани претставници на политичките партии, општините, граѓанските организации, медиумите, локалните институции, бизнис заедницата, лидерите во заедниците и други заинтересирани граѓанки и граѓани“, соопштува Цивил.

Слободни избори за слободни граѓан(к)и е проект кој ќе придонесе во процесот на подготовка на слободни избори во Република Македонија, со поддршка од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.