Доделени наградите на „Браќа Манаки“, Маќаш Ердели добитник на „Златна камера 300“

Унгарскиот кинематографер Маќаш Ердели ја  доби наградата „Златна камера 300“ за филмот „Синот на Саул“,„Сребрена камера 300“ доби  Адам Аркапо за „Макбет“, а „Бронзената камера 300“ му беше доделена на кинематограферот Матео Гусман за филмот „Земја и сенка“.

Со доделувањето на наградите во повеќе категории се затвори 37-то издание на Интернационалниот фестивал за кинематографија „Браќа Манаки“ во Битола, кој годинава за првпат траеше десет дена.

„Особено драго ми е што ја добив оваа награда. Би сакал да ѝ се заблагодарам од срце на мојата екипа и сакам да се заблагодарам на личноста која секогаш беше до мене, иако често не бев присутен дома, а тоа е мојата сопруга“, рече Ердели во своето обраќање кон публиката.

Награди за животно дело пак, добија Божидар-Бота Николиќ и Јаромир Шофр.

„Филмот е колективна уметност, а тоа значи дека јас не го стекнав и не го заслужив самиот. Многу луѓе работеа со мене за јас денес да можам да ја примам оваа награда. Така што, морам да им се забрагодарам на сите нив: на моето семејство, кое кога беше крај мене подобро снимав, и моите асистенти, кои беа совршени соработници за мене цели 35 години“, рече Николиќ, шегувајќи се дека иако наградата го направила пресреќен, малку и го растажила, бидејќи признанието за животно дело значи и дека остарел.

„Ви благодарам за ова признание. Вие сте навистина една многу пријателска публика. Се надевам дека во иднина ќе успееме да гледаме квалитетни филмови, не само од мене, туку и од моите колеги и пријатели, во дигитализирана форма, бидејќи така ќе се зачуваат. Со самата дигитализација се менува инструментот, но не се менува уметноста на снимателите и кинематограферите“, се заблагодари Јаромир Шофр, кој моментално работи како професор по кинематографија на FAMU во Прага.

Кинематограферот Горан Наумовски, ја доби наградата „Мала златна камера 300“, за филмот „Долу од рајот“. Филмот во режија на Саша Станишиќ имаше светска премиера токму на ова издание на фестивалот, како дел од програмата на кратки филмови.

„Мило ми е што добив награда на фестивалот кој се одржува во градот каде што сум роден. Но, ова е исто така колективен труд на целата екипа од филмот“, рече Наумовски.

Од конкуренцијата нов европски филм, наградата за најдобар филм отиде кај филмот „Овни“, а награден за најдобра кинематографија беше „Планина“.

На затворањето пред публиката се претстави и музичарот Гоце Наумов, со мултимедијалниот акт наречен „Мил-тон“.

Изминативе 10 дена, според зборовите на директорот на овогодинешното издание на фестивалот, Димитар Николов, на проекциите присуствувале околу 17 000 луѓе. Дел од програмата беа работилници со гостите и лауреатите, изложби на фотографии, проекции на кратки, долги и документарни филмови, концерти, како и забави во склоп на off-програмата.