Монопол и партизација во студентските избори – студентите без легитимен претставник

„На повеќе факултети во Македонија, не се одржуваат избори за студентските преставници, а не се одржуваат избори и за претседатели на Студентските парламенти. На скопскиот универзитет, сегашниот студентски претседател ја држи таа позиција веќе една година со истечен мандат“, соопшти Александра Живковиќ од Младинскиот образовен форум, која денеска ја претстави новата анализа на Младинскиот образовен форум за студентското организирање и учество во земјава.

Како што забележа Живковиќ, изборот на студентски претставници честопати се прави преку собирање мала група студенти, организирани по партиска линија кои однапред се договорени околу поделбата на функциите. Анализата покажува, нагласи таа, дека на државните универзитети има претседатели коишто ја држат таа функција подолго од пет или шест години и факултети каде воопшто нема студентски претставници.

„Она што е забележително е што самите универзитети во Македонија ја игнорираат оваа ситуација и даваат активен придонес кон монополската позиција на студентските парламенти. На самите статути на државните универзитети е предвидено дека само студентските парламенти се легитимни претставници  на студентите, а притоа се исклучени останатите форми на студентско организирање, на останатите студентски движења“, рече Живковиќ.

Во публикацијата која денеска ја претставија од МОФ, се анализирани правните документи на петте државни универзитети, односно скопскиот, штипскиот, охридскиот, тетовскиот и битолскиот. Анализата покажува дека четири од петте универзитети не ги почитуваат законските одредби да вклучат студенти во сите форми на одлучување во универзитетските дела.

„Исто така, овие универзитети не вклучуваат до 15 отсто учество на студенти во Сенатот, што е највисокото тело на одлучување на универзитетот“, подвлече Живковиќ.

Студентскиот парламент при УКИМ директно се финансира од самиот универзитет преку добивање грантови за кои универзитетот распишува конкурс за користење на тие пари секоја година, а исто така тие се финансираат преку ставката ИСКА којашто е задолжителна за сите студенти при уписот на факултет. Тоа значи 20 отсто од ставката директно се слева во буџетот на Студентскиот парламент, стои во анализата.

Професорот Димитар Гелев од Правниот факултет во Скопје рече дека бил изненаден од фактото што Студентскиот парламент функционира како невладина организација. Тој смета дека неговото учество во управувањето треба да биде регулирано со ист статут како на универзитетите, или со некој посебен акт.

„Учествувајте во работата на универзитетот, меѓутоа организирани внатре во универзитетот и барајте да добивате средства“, рече Гелев за време на своето обраќање пред студентите од кои побара да бидат истрајни бидејќи промените се случуваат чекор по чекор.

Ивана Туфегџиќ од Студентски пленум пак посочи дека Пленумот го урна монополот кој со години го имаше Парламентот, но за таквата ситуација, таа смета дека се виновни и самите студенти.

„Проблемот е Студентскиот парламент и монополската поставеност, но проблемот лежи во студентите, не лежи во професорите, не лежи во универзитетот. Тие десет години немаат побарано ништо од Студентскиот парламент. Ниеден одговор на ниедно прашање, тука лежи клучниот проблем“, смета Туфегџиќ.

Во 2007 година, Младинскиот образовен форум спроведе петиција да се внесе плурализам во студентското организирање и успеа со тоа што се воведоа одредени измени во Законот за високо образование. Петицијата ја потпишаа 11 000 студенти. Речиси девет години подоцна, активистот Александар Стојановски ги спореди македонските универзитети со катакомби и апелираше Студентскиот парлемент да се нарекува по старото име.

„Не ги викајте Парламент. Реално нема одлики на парламент, тоа треба да се вика Сојуз на студенти на Република Македонија се уште, бидејќи тие исто како сојузот на пензионери, кои по распадот на поранешниот систем останаа какви што биле претходно. Тие се реликвија на поранешно време, поранешен систем на вредности, за кој ние декларативно се одлучивме да го напуштиме, а реално уште живееме во него“, рече Стојановски.

Тој смета дека е потребно студентите да го дигаат својот глас, бидејќи во спротивно, самите студенти ќе бидат обвинувани за ситуацијата во која што се наоѓаат.

Дискусијата ја затвори Живковиќ со ставот дека е потребно на секој факултет да се разгледа каков модел на студентско организирање најмногу одговара. Постоечкиот модел не е најлош, рече таа, но има бројни недостатоци на кои треба да се работи.

Јавната трибина насловена „Студентското организирање како предуслов за квалитетно високо образование“ се одржа на платото пред УКИМ и беше отворена за сите студенти.

Емилија Петреска