Младите во Македонија осум години бараат вклученост во општеството

Иако Светскиот ден на младите во Македонија се прославува од 2007 година, проблемот со вклучувањето младите во донесувањето на одлуки останува, сметаат претставници на повеќе младински организации.  На денешната панел дискусија „Значењето и можностите за поголемо вклучување на младите во општеството“, која по повод Светскиот ден се одржа во МКЦ, тие побараа повеќе ресурси и вложување од страна на институциите во младите.

Според претседателот на Националниот младински совет, Дамјан Николовски, значајни промени би имало ако младите делуваат на сите нивоа. Односно, целосно да се искористат средствата онаму каде младите можат вистински да придонесат.

„Сметам дека конечно е време да ја тргнеме реториката од тоа дека бараме вклучување и да смениме во тоа дека бараме значајно и вистинско вклучување. Повеќе од 23 отсто од населението во државата се млади. Многу нè има и треба да бидеме слушнати“, смета Николовски.

На панел дискусијата учествуваше и Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите нации. Проблемот со вклученоста на младите, според неа, е актуелна глобална тема со оглед на тоа дека 1,8 милијарди од светската популација се млади. Таа вели дека за да се случат овие драстични промени, потребна е енергија и креативност на младите луѓе, а како пример ги посочи студентските протести.

„Во студентските протести, коишто се случија во изминатата година, вие сте сведоци на промените што се можни кога младите луѓе се организираат и се обидуваат да се слушне нивниот глас“, подвлече Винтон.

Како што информираа панелистите, на почетокот на оваа година започна процесот на подготвување текст за новата Национална стратегија за млади за 2016-2023 годин. Претставничката на Агенцијата за млади и спорт, што го координира носењето на Стратегијата, Зорица Стаменковска нагласи дека оваа институција, одговорна за подготвување на младински политики не може да се замисли без младите луѓе.

„Во септември треба младите да се ангажираат за текстот на стретегијата за млади и се надеваат дека ќе биде усвоен до крајот на годината. Се додека не се вклучат младите во донесување на одлуки, ќе се соочуваме со политики кои немаат врска во пракса“, вели Стаменковска.

Во дискусијата беа вклучени и Стефан Маневски, координатор на иницијативата Balkan Action 2015, Ангела Соколовска, претставник на Советот на млади на Американската амбасада, како и Јордан Атанасовски, потпретседател на АРНО.

Според нив, поголемото вклучување на младите во општеството не е само цел, туку е и клучна иницијатива, бидејќи младите најдобро би ги знаеле потребите. Тие апелираа институциите да бидат сензитивни кон способностите на младата популација.

На панел дискусијата и претходеа низа младински работилници. Настанот се одржува во рамки на  Youth Voice кампањата, а во соработка со Националниот младински совет на Македонија и Balkan Action 2015, поддржани од Фондот за население и Програмата за развој на Обединети нации.

Е.П.