Просечната оценка од полагањето државна матура е 3,37

Просечната оценка од полагањето на државната матура  во јунската сесија за оваа учебна година е 3,37, соопштија од Министерството за образование. Според овие резултати годинава матурантите се подобри од лани, кога беше забележан среден успех од 3,11.

Како што соопшти Сафет Незири, советник на министерот за образование и наука, речиси по сите предмети матурантите се подобри од лани. Оттука по предметот мајчин јазик и литература просечниот успех е 3,47, по математика е 3,19, а по англиски јазик 3,10. Кај другите странски јазици исто така има подобрување и оценка 3,54, за разлика од минатата година кога оценката изнесуваше 3,43.

Кај другите предмети средните оценки се: филозофија 3.67; естетика 3.81; бизнис 3.43; хемија 3.50; биологија 3.64; физика 3.44; историја 3.52.

Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 14 јули во 12 часот кога почнува и рокот за поднесување приговори кој ќе трае три дена. Тие што ќе имаат забелешка од резултатите треба да се обратат кај предметните комисии во училиштата и приговорите да ги поднесат во писмена форма. На државната матура во јуни биле пријавени 52.090 кандидати по сите предмети, на тестирањата учествувале 49.861, а отсуствувале 2229.

За кандидатите кои отсустувувале во јуни, кои не ја положиле или не во целост, наредната сесија ќе се реализира од 17-ти до 20 август 2015.