Повик за учество на креативната документарна филмска школа „АКТив #2“

Балканските документарни филмски фестивали „Право Људски“ од Сараево, „ДокуФест“ од Призрен и „МакеДокс“ од Скопје, поддржани од Националната фондација за демократија го објавија повикот за учесници за второто издание на креативната документарна филмска школа „АКТив #2“.

Трите креативни документарни филмски фестивали ги повикуваат сите млади луѓе кои имаат страст кон документарната филмска форма и се на возраст помеѓу 18 и 22 години од Босна и Херцеговина, Косово, Србија или Македонија да се пријават на повикот за учество.

„АКТив #2“ е продолжение на разновидната и неформална образовна програма која ги охрабрува младите да ја искористат моќта на подвижните слики и да се вклучат во социјалните процеси кои ги опкружуваат. „АКТив #2“ ќе се оддржи во живописниот Призрен, Косово од 27-ми август до 10-ти септември 2015 год.

По селекцијата, 16 избрани млади луѓе од регионот ќе учествуваат во колаборативна креација и размена под супервизија на искусни документаристи од различни земји од светот. Во текот на школата тие ќе ги осознаат процесите на пишување, истражување, развој и продукција на креативни документарни филмови запознавајќи ги главните аспекти на режирање, снимање слика и звук, монтажа и постподукција на слика и звук.

Креативната документарна филмска школа „АКТив“ е основана во 2013 година како регионална иницијатива на најзначајните балкански креативни документарни фестивали со цел да ги здружат силите и да ги споделат искуството и знаењето со младите автори кои имаат страст и интерес за креативна документаристика. „АКТив“ е поддржана од Националната фондација за демократија од Вашингтон.

Повеќе информации за школата и повикот за учество може да се најдат на веб-страниците на „Право Људски“,   „ДокуФест“ и „МакеДокс“.