Концерт на млади оперски надежи во МОБ

Во понеделник (22 јуни) во Македонската опера и балет ќе се одржи традиционалниот концерт во чест на проф. Коста Трпков на кој настапуваат студенти од класите по соло пеење на факултетите за музичка уметност од Скопје и Штип.

На концертот на „млади оперски надежи“ ќе настапат 17 изведувачи кои претходно се селектирани од стручна комисија во состав: Ѓорѓи Цуцковски-уметнички раководител на операта и диригентите, Иван Еминовиќ и Бисера Чадловска.

Вокалните солисти се од класите на професорите: Билјана Јакимовска, Марија Муратовска, Весна Ѓиновска-Илкова, Славица Петровска-Галиќ и Горан Начевски од ФМУ-Скопје и Благица Поп Томова и Борис Трајанов од ФМУ-Штип.

Вокалните солисти ќе ги придружува оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Почетокот на концертот е најавен во 20 часот, а влезот е слободен.