[Фото] Петти марш на студентите во Тирана против универзитетските реформи

Десетици студенти вчера излегоа на петти по ред протестен марш во Тирана против предложениот закон за високото образование, за кој сметаат дека ќе го направи универзитетот недостапен за сиромашните.

Студентите се собраа пред кампусот на Политехничкиот факултет, а потоа се упатија кон канцелариите на Парламентот во Тирана, држејќи транспаренти и извикувајќи го слоганот „Реформата нема да помине“.

Вчерашниот марш беше петтиот по ред, организиран од студентското движење „За универзитетот“ од Тирана, група која се противи на реформата на системот за високо образование предложена од Владата, предводена од премиерот Еди Рама.

„На последниот марш, марширавме пред канцеларијата на премиерот за да се привлече вниманието на јавноста кон ризикот од комерцијализацијата на универзитетот и зголемувањето на цените, но оваа клиентелистичка Влада не се ни осмели да не погледне во очи“, велат од движењето.

Студентите се одлучни дека нема да се откажат и покрај тоа што Владата се прави глува.

Движењето „За универзитетот“ се формираше минатата година во знак на протест против постојаното зголемување на цената на школарината и потегот на Владата да подготви законска основа за обезбедување на средства за приватни универзитети.

Студентите сметаат дека со новиот закон за високо образование ќе еродира академската слобода, ставајќи го универзитетот под контрола на Владата, така што ги пренасочува јавните средства кон приватните универзитети и ги зголемува таксите за студентите.

Со новиот закон, се зголемува школарината на јавните универзитети со цел да се зголеми вкупниот износ на готовина, достапна за високото образование. Владата демантира дека се обидува да се вмеша во универзитетската администрација, тврдејќи дека со новиот закон ќе им понуди еднаков третман на сите универзитети без оглед на нивниот модел на сопственост.