Маратонците одлучни – со трчање испратија порака за ненасилство

Стотици маратонци и покрај официјалното откажување на Скопскиот маратон, утрово се појавија на стартот одлучни да направат свој маратон. Претходно, на социјалните мрежи се прошири повик денеска секој да донесе различно национално обележје за да се покаже сплотеност и да се испрате порака за ненасилство.

Организаторите го откажаа маратонот доцна синоќа, по вчерашните настани во Куманово.

„Сојузот на спортови на Скопје, како официјален организатор на Виз Ер Скопскиот Маратон, при завршувањето на финалните активности за денешниот маратон, доби телефонска информација од Град Скопје и МВР дека денешната манифестација Виз Ер Скопски Маратон 2015 поради ново настанатата – безбедносна ситуација во државата се ОТКАЖУВА“, се вели во соопштението од од Сојузот за спортови објавено доцна синоќа.

Оваа година беа пријавени повеќе од 7500 учесници од Македонија и од странство што претставува досегашен рекорд.