St. Germain има нова песна, прва по 13 години

Францускиот музичар Ludovic Navarre, попознат под уметничкото име St. Germain, го објави новиот сингл со наслов „Real Blues“, кој е негова прва оригинална песна под ова име по 13 години.

Синглот го следи карактеристичниот стил на овој музичар – фузијата меѓу хаус и џез музиката, која му донесе голема популарност во 90-те. Неговиот албум „Tourist“ од 2000-та е продаден во преку 4.5 милиони копии низ светот. Песната „Real Blues“ е дел од истоимениот албум, кој ќе излезе во октомври. St. Germain исто така најави и европска турнеја, која ќе започне во Белград, со негов настап на Белградскиот џез фестивал, на 2 ноември годинава.