Белата куќа отвори родово неутрален тоалет

Во потег што се опишува како „мал, но значаен чекор“, Белата куќа отвори родово неутрален тоалет за персоналот и посетителите.

Тоалетот се наоѓа во зградата „Ајзенхауер“, во која работи најголем дел од персоналот на Белата куќа, а ова се гледа како уште еден потег на претседателот Barrack Obama во правец на промоција и заштита на правата на ЛГБТ-популацијата.

„Белата куќа им дозволува на луѓето од персоналот и на посетителите да користат тоалет во согласност со нивниот родов идентитет, а тоа е во склад со постоечките правилници и со политиката на оваа администрација. Во тој правец, отворивме родово неутрален тоалет во зградата „Ајзенхауер“, кој им дава дополнителна можност на нашите вработени и на посетителите“, вели портпаролот на Белата куќа Jeff Tiller.

Владината зграда „Ајзенхауер“, во која се наоѓа новоотворениот тоалет

Владината зграда „Ајзенхауер“, во која се наоѓа новоотворениот тоалет

Според советничката во Белата куќа,  Valerie Jarrett, претседателот Obama е „решен да води со својот пример“, кога се во прашање геј правата.

„Тој вработи повеќе отворено ЛГБТ Американци во неговата администрација отколку кој било претседател во историјата. Ние постојано ги преиспитуваме нашите интерни политики за се – од работните права и привилегии до пристапот до тоалети и поканите за настани, за да се осигураме дека секој кој ќе влезе во оваа зграда се чувствува безбедно и целосно почитувано“, изјави Jarrett во текст објавен неделава во списанието кое ги промовира правата на ЛГБТ луѓето, „The Advocate“.