Хелсиншки: Говорот на омраза се употребува за речиси сите граѓански движења

Говорот на омраза поради етничка припадност или сексуална ориентација се користи за спречување на изразена критичка мисла или аргументирани барања кон извршните власти, а оваа практика се употребува речиси на сите граѓански движења во изминатите 3 години, се вели во последниот февруарски месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Користењето на овие техники за дефокусирање на јавноста  особено беше присутна кај студентите поради големата поддршка од граѓаните, посочуваат од Хелсиншки.

Комитетот го осуди организираното споделување на вести со омраза и несанкционирањето на ваквите појави кои беа случај за време на студентските протести кога двајца членови на Пленумот беа етикетирани.

„Говорот на омраза како и делата од омраза наидуваат на игнорантски однос особено од страна на Јавното обвинителство и другите надлежни институции во изминатите три години иако Комитетот веќе забележа дека говорот, дела и инциденти од омраза се во постојан пораст кои сериозно ги нарушуваат безбедноста и сигурноста на граѓаните“, се вели во соопштението.

Меѓудругото, во месечниот извештај се дава оценка и за иницијативата против законските измени за хонорарците кои поднесоа над 100 прашалници до Министерството за труд и социјална политика и реализираа два протести.

Комитетот смета дека извршната власт како подносител на законските измени останува индеферентна на барањата, а граѓаните не можат да се снајдат со новите бирократски измени кои дополнително го оневозможуваат лесниот пристап до права кои наводно и согласно објаснувањето на подносителот треба да обезбеди социјална и здравствена сигурност.

„Комитетот го констатира обратниот ефект, односно дополнителни обврски само го отежнуваат процесот на плаќање данок, ги изложуваат хонорарите на зголемени трошоци и обврски за кои извршните власти не можат да ја дефинираат потребата или пак одговорат на контроверзни прашања во врска со изгласаните измени“, забележува Комитетот.

Покрај овие нерегуларности, Хелсиншкиот комитет за човекови права нагласи дека будно ги следи случувањата поврзани со објавувањето на снимки, кои според опозицијата претставуваат противзаконско прислушување на 20 000 граѓани меѓу кои новинари, политичари, активисти за човекови права и граѓански организации. Исто така, Комитетот смета дека Фондот за здравствено осигурување не ги штити правата на осигурениците, а според Комитетот продолжува и неефикасната заштита на жртвите на семејно насилство.

Целиот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права е достапен на овој линк.