Трети роднокрајни поетски средби во Струмица по повод Светскиот ден на поезијата

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, во петок (20 март), со почеток во 20 часот во Sub Club Струмица ги организира третите „Роднокрајни поетски средби“ по повод Светскиот ден на поезијата.

Настанот има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, како и доближување на нивното творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо.

„Во една речиси нова атмосфера, но со желба да постане традиција, годинава по втор пат во Струмица ќе се обележи овој ден кој е важен за сите оние кои се занимаваат со книжевност, а посебно и како мапирање на уште едно издание на „Роднокрајните поетски средби“, кои исто така имаат тенденција да станат препознатлив настан на кој ќе се промовираат автори од Струмица и пошироко“, велат организаторите.

Со книжевни собири, создавање нови стихови, фестивали, поетски слем-вечери низ континентите во цел свет ќе се прослави 20 март, Светскиот ден на поезијата. Поети од целиот свет ќе испратат пораки во чест на стиховното творештво, кое е дел од вековната историја и култура на човештвото. Во Македонија, во чест на овој ден најпрво ќе биде прочитано поетското слово кое ќе го упати поетот Владимир Мартиновски

Според организаторите на настанот, на третите „Роднокрајни поетски средби“ е планирано да настапат десетина поети со нивното поетско творештво. Секој заинтересиран треба да се пријави преку e-mail на kontextsr@gmail.com или да напише на официјалната Фејсбук страница на настанот.

По реализирањето на првите две организирани роднокрајни поетски средби на кои учество земаа дваесетина автори од Струмица и регионот се планира оваа манифестација да стане традиционална и да се одржува редовно секој месец.