[Став] Фабриката за сапун требаше да се пренамени во културен центар

Бившата фабрика за сапун „Цветан Димов“ во Кисела вода, позната како „Сапунара”, во близина на рампа, зграда претставник на еден период од македонската архитектонска историја, „душа даваше” фабриката да се пренамени во културен центар, а широката површина околу самиот објект да се претвори во еден одличен зелен јавен простор, лесно достапен и максимално осветлен со перфектни визури на градот! Луѓе доаѓаат со точаци, во пролет, и гледаат убави работи!

Оваа идеја е долго време предмет на истражување на студентите на Архитектонски факултет. Ама кој да види!

Можеби ова беше една од последните шанси Скопје да добие вистински културен центар во централното градско подрачје.

Да бевме Љубљана, а не сме, сигурно градот, градските власти, и овие и предходните, ќе помислеа на стотиците предлози на студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје, меѓу кој имаше вистински добри решенија, да создадат еден вистински културен центар кој го заслужува овој град.

Како не сфатија луѓево дека на овој град му недостасува програма, културна програма која мора да ја има секое населено место кое сака да си игра град.

А, и оние што се мачат ко Исус да донесат некаков театар, предавач, издавач, уметник, архитект, го пикаат по некави неосветлени, замрзнати простори кој немаат ни најмал просторен квалитет. Носиш луѓе во градов со два авиона и илјадници поминати километри, предходно го молиш да не наплати хонорар, го убедуваш дека е важно народов да чуе што тој мисли, и на крај го ставаш да предава во некое бедно импровизирано место.

Скопје несомнено има потреба од развојна стратегија на град кој можеби во иднина сака да се натпреварува со, да речеме Љубљана, која како референца е блиску по број на жители со Скопје.
А бе еден човек нема дојдено на факултет да види што цртаат луѓево со децении наназад. Што цртаат за Фабрика „Цветан Димов“, што цртаат за Старата скопска чаршија!

На пример, професорот Гоце Аџи Митревски со останатиот тим од кабинетот посветија пола живот на стратегија како да се зачува чаршијата, ама вистински. Џабе, никој не го интересира, со исклучок на два-тројца луѓе од Завод за заштита и МСУ.

Секоја чест на Младинскиот културен центар за херојските напори што ги прави последниве години, секоја чест и на новоникнатите културни центри, со милион маани, кои не се воопшто самоодржливи. Не може културен центар да функционира на ниво со донации од посетители во стаклена тегла! Ама, пуста сиромаштија…

Да не споменувам на секојдневната грозна глетка на некогашниот културен центар Точка (место кое беше типично за едно градско независно културно катче), сега е едно руинирано засолниште на мачки и кучиња и на што ли уште не.

Во иднина луѓето (кои и да се) кои го планираат градот треба да имаат стратегија за развој на културни центри, културни квартови во градот, стратегија за планирање на град. Не да мислат само да улици и кафани.

Во Скопје конечно мора да се стави крај на неконтролирано никнување на мали гранапчиња од различен карактер во централното градско подрачје, особено не на овие места кои можеби имаат некаков потенцијал за ваков развој за кој зборувам, а треба да се развиваат како културни фрагменти во градот. Места каде ќе можат да купат стан, луѓе што се занимаваат со некаква, да речеме уметност, во нивното опкружување треба да има галерии, изложбени места, книжари, мали кафетерии, мали расторани, со тивка музика, со супер храна. Да нема катни гаражи, да нема коли, да нема фонтани. Да нема мегаломански бизнис идеи.

Таму нема да може да купи стан лепач на плакати од ВМРО/СДСМ.

Ќе може да купи стан на друго место во градот.

Го почнав текстов за да кажам дека Фабриката „Цветан Димов“ можеше да почне да биде развојна точка на еден ваков Скопски кварт, епицентар за кој зборував претходно, скопскиот „Сохо“ да речеме.

За жал, прават зграда која нема никаква референца со Њујорк, ама баш никаква! Зграда накитена на најпроизволен начин, а програмски иста како и сите згради во Ново Лисиче или Расадник.
Кој ли ќе сака да живее таму во зграда од 100 ката! Абе, еден човек нема да остане во Скопјево тажно, еден нема да остане!

Дејан Ивановски, архитект