Јапонија подготвува закон кој ќе ги примора работниците да одат на одмор

Работниците во Јапонија во 2013 искористиле само половина од деновите за одмор кои законски им следуваат, што ја поттикна владата во Токио да донесе нов закон со кој ќе ги примора работниците да одмораат почесто. Владата сака да ја зголеми искористеноста на деновите за одмор до 70% во 2020, пишува весникот Јомиури.

Во несигурните економски времиња, работодавачите бараат повеќе од нивните вработени. Од многу млади работници се очекува да работат и по 100 часа прекувремено во текот на еден месец. Но, повеќе од две третини на работниците самите не сакале да го искористат одморот, затоа што така „би им предизвикале непријатности на колегите“, покажува една студија на јапонскиот Институт за работни политики. Повеќе од половина од испитаните работници рекле дека немаат време за одмор, затоа што имаат премногу работни обврски.

Во овој феномен играат улога и јапонската традиција и менталитет, затоа што секој што оди на одмор во време на економски потешкотии и стопанство што стагнира, ризикува да биде виден како недоволно посветен и неодговорен.

Во моментов, јапонските работници имаат одмор од минумум десет денови годишно, кој се зголемува најмногу до 20 денови, по еден ден за секоја година работен стаж.