Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература одбележа 60 години постоење

Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература (СДМЈЛ) денеска одбележа 60 години постоење, а воедно се одбележаа и 60 години од првиот број од списанието „Литературен збор“.

На настанот кој се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се обратија Гордана Алексова, претседателка на СДМЈЛ, како и долгогодишните учесници во работата на Сојузот и членови на Редакцискиот одбор на списанието „Литературен збор“, професорите Трајко Стаматоски, Вера Стојчевска-Антиќ и Стојка Бојковска.

„Шесте децении грижа за македонскиот стандарден јазик и за македонската книжевност во основното и во средното образование се доволно долг период да си дозволиме да кажеме дека Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература и списанието „Литературен збор“ станаа препознатливи и неодминливи атрибути на овој дел од воспитно-образовната традиција во Македонија“, рече Гордана Алексовска, претседателка на СДМЈЛ.

Воедно беше објавена „Библиографија на Литературен збор 2003 – 2013“ со 459 наслови на статии, кои во изминатите десет години се најдоа помеѓу кориците на ова стручно помагало.