Марш за живот – Протест за чист воздух во Битола денеска

Здружението „За нас се работи“, преку граѓанската иницијатива „Битола сака чист воздух“ организира уште еден протестен марш против загадувањето на воздухот. Под мотото, „Марш за живот“, протестот ќе започне денеска со почеток од 11:30 часот пред споменикот на Стив Наумов (Офицерски дом) во Битола.

„Квалитетниот воздух значи квалитетен живот. Да излеземе во што поголем број во остварувањето на нашето право на живот. Повикајте ги своите браќа и сестри, роднини, пријатели, комшии…земете ги вашите деца“, се вели во повикот.

Тие, како што велат, се незадоволни игнорантскиот однос на надлежните. Поради тоа, ги повикуваат граѓаните на масовна излезеност и ги повикуваат одговорните лица за итно решавање на проблемот со амбиенталниот воздух.

Идејата е повторно да се прочитаат нивните барања и да се побара итна средба со градоначалникот или некој од надлежните со цел јасно и недвосмислено да се дефинираат и да се пренесат на хартија постапките и начинот на решавање на проблемот. Тие сакаат да се доведе квалитетот на воздухот во рамките на дозволеното.

Ова е втор протестен марш против загадувањето на воздухот во Битола. Предходниот се одржа на четврти ноември.