Училишта од Охрид и Кичево останаа без греење

ЕВН Македонија ја исклучи електричната енергија на Основното училиште „Григор Прличев“, пишуваат локалните медиуми.

Според Охрид прес, учениците од ова училиште кои посетуваат настава попладне, вчера си заминале во 16 часот и 30 минути бидејќи немало греење.

Директорката на училиштето, Силвија Мојсоска во изјава за охридско Супер радио вели дека не се работи за голем долг, туку причината за неподмирените сметки за струја лежи во блокираната сметка на училиштето.

– Повеќе од осум месеци имаме блокирана жиро сметка што ни го отежнува работењето и токму затоа не можеме да го платиме долгот кон ЕВН. Минатата седмица добивме опомена за исклучување, но јас веднаш испратив допис до ЕВН во кој ги замолив да имаат трпение барем дваесетина дена, зашто во тек е решавањето на овој проблем со Локалната самоуправа, но не наидовме на разбирање, изјави Мојсоска.

Неколку кичевски училишта исто така имаат проблеми и прекин во снабдувањето со струја, објави МРТ. Основните училишта „Кузман Јосифовски – Питу“, „Санде Штеријовски“ и „Владимир Полежиновски“, од вчера останаа без струја, најверојатно поради неплатени сметки. Околу 2.500 основци веќе 12-ти ден не посетуваат настава.

Извор: Охрид прес, Супер Радио, МРТ