За една година 127 лица го посетиле Првиот семеен центар на Град Скопје

Со промовирање на новата мобилна апликација за пријавување на случаи на семејно насилство Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА одбележа една година од отворањето на Прв семеен центар на Град Скопје. Како што информираа од Асоцијацијата, во првата година од своето работење, Центарот понудил услуги на 127 лица, од кои 79 се жени а останатите 48 се мажи.

До сега Семејниот центар работел со 32 семејства, а индивидуално според категорија имало 52 жртви на семејно насилство, 17 сторители на семејно насилство, 30 малолетни деца, и 28 други членови на семејството кои учествувале во советувањето.

За ХЕРА граѓаните кои доаѓаат во центарот не се само бројки туку се животни приказни кај кои е потребно да се интервенира за да можат да ја надминат состојбата во која се нашле и да го прекинат кругот на насилството.

-По една година од работењето на ова специјализирано советувалиште за жени и деца жртви на семено насилство и сторители на семејно насилство забележани се позитивни промени во однесувањето кај сите клиенти кои успешно го поминале психосоцијалниот третман. Кај жените жртви на семејно насилство постигнати се позитивни промени во однос на зголемена самодоверба и подобрена слика за себе, како и преземање на лична одговорност за сопствениот живот и прекинување на насилната врска, подобрено е функционирањето во заедница, првенствено со својот брачен партнер, децата и останатите членови од семејството. Кај децата кои биле индиректни или директни жртви работено е на ослободување од негативните доживувања и воспоставување соодветен емотивен однос со родителот, направено е насочување кон детскиот аспект на игра, дружење со врсниците и училишните обврски. Кај сторителите на семејно насилство, постигнати се позитивни промени во однесувањето, односно кај нив немало повторување на насилното однесување во следните 6 месеци по завршување на третманот, посочуваат од ХЕРА.

На денешниот настан беше промовирана и новата мобилна апликација „Пријави семејно насилство“ која има за цел да ја крене свеста кај граѓаните за нивно вклучување во борбата против семејно насилство. Со помош на оваа апликација, доколку некој доживеал или бил сведок на каков било вид на семејно насилство може истото веднаш да го пријави. Мобилната апликација е достапна на Андроид маркетот како и на www.hera.org.mk/psc каде може да се најде QR код и директен линк за симнување на апликацијата на мобилен телефон.