„1000 идеи за подобар Охрид“ – проект на Универзитетот „Св. Апостол Павле“

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ започна со реализација на проектот „1000 идеи за подобар Охрид“. Идејата на УИНТ е преку овој проект да излезе во пресрет на локалната заедница, преку олеснување на секојдневните активности како на граѓаните, така и на приватните компании, јавните претпријатија и институциите во општина Охрид, користејќи ги придобивките на информатичките науки и технологии.

Охрид

-УИНТ реши да одговори на предизвикот т.н. „1000 идеи за подобар Охрид“ преку стратешко приближивање на високото образование, бизнис заедницата, државните институции и граѓаните на Охрид, со цел да придонесе кон развојот на образованието, економијата, здравството, судството, екологијата, сообраќајот, туризмот, промоцијата на културното и историско наследство и генерално подобрувањете на квалитетот на животот во Охрид, соопштија од Универзитетот.

Преку развојот на иновативни решенија за урбаните и социјални проблеми и креирање на технологии достапни за локалната заедница, проектот „1000 идеи за подобар Охрид” треба да создаде иновациска мрежа меѓу Универзитетот „Св. Апостол Павле ” и локалната заедница, која води кон прогрес во развојот и прифаќање на е-услугите и поставување на нови стандарди.

Пред почетокот на проектот Универитетот спроведува истражување за детектирање на потребите на граѓаните, приватните компании и сите останати институции, а идеите за „подобар Охрид“ може да се испраќаат на е-маил адресата: 1000ideizaohrid@uist.edu.mk.