Најдобрите светски универзитети за 2014 – МИТ повторно на врвот

Институтот за технологија во Масачусетс (MIT) и годинава е на врвот на едно од најугледните и најстрогите годишни рангирања на светските универзитети,  QS World Universities, кое е објавено денеска. Врвниот технички колеџ е најдобар во ова рангирање трета година по ред. Зад МИТ, поставени како еднакви, се Империал колеџот во Лондон и Кембриџ, додека на четвртото место е Харвард, кој падна за две места во споредба со ланската листа. Првите десет универзитети во светот ги заокружуваат: Оксфорд, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Стенфорд, Калифорнискиот институт за технологија (Caltech), Принстон и Јејл.

Најдобрите светски универзитети за 2014 - МИТ повторно на врвот

Листата ја изработува британската компанија Quacquarelli Symondsпо методологија која го мери квалитетот на истражувањата, вработувањето на дипломираните студенти, размерот предавачи-студенти, стандардите на предавање и бројот на студенти од странство.

Вкупно 31 земја е претставена во рангирањето на најдобрите 200 универзитети, а Соединетите американски држави имаат најмногу високошколски установи на листата – 51. Следи Велика Британија со 29, Германија со 13, Холандија и Индија со по 11, Канада и Јапонија по десет и Австралија, откаде доаѓаат осум од 200-те најдобри универзитети на листата.

Националниот технички универзитет во Атина е најдобро пласираниот универзитет од Балканот

Националниот технички универзитет во Атина е најдобро пласираниот универзитет од Балканот

Меѓу најдобрите 800 универзитети во светот, според рангирањето, нема универзитети од Македонија. Од регионот, земја со најмногу високообразовни институции на листата е Грција, со 6 меѓу најдобрите 800, а Националниот технички универзитет во Атина е најдобро пласиран од Балканот – меѓу 440 и 450 место. На листата на најдобри 800 се и Универзитетот во Белград (меѓу 700 и 800 место), Универзитетот во Загреб (меѓу 600 и 650 место), како и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија (меѓу 650 и 700 место).