Меѓународен ден на младите – 12 август

Со отворена дискусија на тема „Активни млади – клучен елемент за општествен развој“ што ја организира УНДП – Програмата за развој на Обединетите нации и трибина „Менталното здравје на младите е важно“ во организација на Националниот младински совет на Македонија, денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на младите.

Меѓународен ден на младите - 12 август

На дискусијата „Активни млади – клучен елемент за општествен развој“ која е во рамки на иницијативата на СЕП, „Младите за Европа“, ќе присуствуваат вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, претставник од Агенцијата за млади и спорт, како и претставници на граѓанскиот сектор.

Трибината, пак, посветена на менталното здравје на младите ќе ја отвори британскиот амбасадор Чарлс Гарет, а ќе зборуваат Нина Цекиќ од  Црвениот крст на Република Македонија, Кристијан Бундовски од ЕМСА Македонија и психотерапевтот Деспина Стојановска. Според организаторите, целта е да се претстават различните модели преку кои младите луѓе може да се вклучат во активности за јакнење на нивните способности и  вештини кои директно значат подобрување на ментално здравје.

Меѓународниот ден на младите се одбележува секој 12-ти август. Востановен е во 1999 година од  Генералното собрание на Обединетите нации. Годинава темата е „Младите и менталното здравје“ зашто многу често младите кои се соочуваат со вакви проблеми се етикетирани и тоа ги демотивира да побараат помош или поддршка.

Минатата година, Националниот младински совет на Македонија овој ден го означи со панел дискусија за поактивна вклученост на младите во сите општествени процеси и промоција на публикацијата „Чекори до национално младинско организирање“.