Демант на професорите од УГД за Ректорот

Откако Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Саша Митрев вчера ги повика тројцата доценти да го прекинат штрајкот со глад, бидејќи не се искористени сите законски нормативи за решавање на нивниот случај при избор на повисоко звање, тие испратија демант, кој го објави порталот Фактор и ви го пренесуваме во целост:

Демант на професорите од УГД за Ректорот

Почитуван Ректоре,

Ве молиме повторно да престанете дрско да манипулирате со нас, како Ваши колеги, со синдикалното членство од 40 илјади и со целата македонска јавност.

Значи, велите дека не сме морале да го користиме ова наше демократско право „штрајк со глад“ кога сме ги имале на располагање инструментите кои ни го дава Законот за високото образование.

Точно е дека имаме право да поднесеме приговор до Наставно-научен совет и до Универзитетски сенат. Ректоре, претпоставувам дека знаете дека ова право можеме да го искористиме доколку добиеме Одлука и Записник од одржаната седница на Наставно – научниот совет, односно од Деканатот. На нашето обраќање до секретарот на факултетот да ја добиеме Одлуката и Записникот, ни беше речено дека ќе ги добиме на 7 – ми август 2014. Почитуван Ректоре, знаете дека законската постапка за избор во повисоко звање трае 6 месеци; во нашиот случај почна на 2 февруари, и мора да заврши на 2-ри август. После овој датум треба да се распишат нови конкурси. Ректоре, кај колешката Маргарита Матлиевска, тоа ќе биде трет циклус на распишување на конкурс, во рок две години. Потврда дека Записникот и Одлуките од одржаната седница на Наставно-научниот совет не беа изготвени е Решението од инспекцискиот надзор извршен од страна на Државниот просветен инспекторат на 11.07.2014 година. Ве замолуваме, да ни бидат доставени Записникот и Одлуката од оваа одржана седница на ННС за да можеме да си го користиме правото на приговор!

Почитуван Ректоре, на 02.07.2014 година (среда) Ние (петмина колеги) имавме разговор со Вас, каде Ве замоливме, дури и понизно, да интервенирате во ситуацијата каде Наставно – научиот совет и Деканатот кршејќи ги законските одредби да постапат согласно оценките на Рецензетските комисии, ги загрозија уставно загаранираното право на социјална сигурност, работа и професионален напредок на колегата Крсте Шајноски. Почитуван Ректоре, после многу убедувања, Вие прифативте дека ќе интервенирате во тие внатрешни односи, со тоа што поединечно ќе разговарате со членовите од Наставно-научниот совет. Вие Ректоре, рековте, дека “сега ќе се вмешам во внатрешните односи, но доколку повторно „таласате„ ќе си имате работа со мене“. Воедно, Вашето барање и молба до нас беше да не преземаме никакви активности еден до два дена, за да Ви дадеме време да реагирате.

Ректоре, на 07.07.2014 (понеделник) следуваше продолжение на Наставно-научниот совет; го знаете епилогот од Наставно-научен совет после „Вашата реакција“: беше извршено “линчување“ на колегите Маргарита Матлиевска и Александар Костадиновски.

И Ве молиме, никако немојте да заборавите: точките за избор на тројцата нас беа ставени на Дневен ред на 78-мата седница на ННС одржана уште на 29 мај 2014. Но, беа симнати од страна на Деканот со образложение дека во Ректорат стигнал допис да се почека со изборот додека да се конституира Владата. Во оваа прилика Ве замолуваме да ни го објасните ова!!!!

Почитуван Ректоре, велите дека со објавувањето на вонредниот билтен на 22.07.2014 година, постапувате по Решението на Државниот просветен инспекторат. Ректоре, забелешка на ДПИ беше дека не се објавени позитивните оценки од самоевалуација кои треба да бидат верификувани од Рецензентските комисии. Ректоре, ние тројцата колеги покрај потпишаните Реферати од Рецензентските комисии, до службите доставивме и Табела (чек листа) за секој од нас, која исто така е потпишана од Рецензетските комисии. Оваа табела содржи 9 позиции, кои се однесуваат на критериумите кои Вие пред некој ден ги предочивте на јавноста, а да ги цени Комисијата која предлагавте ние да ја избереме. Ректоре, во оваа Табела, под реден број 8 стои позитивна оценка од самоевалуација. Ректоре, овие Табели беа побарани од Вашите служби и ги доставивме потпишани до Вашите служби за да бидат објавени во Универзитетски билтен. Ректоре, чија е одговорноста зашто овие Табели не беа објавени во Универзитетски билтен бр.124 од мај 2014 година?. Ректоре, дали службите ваквите потпишани Табели ги дадоа на увид при инспекцискиот наод?

Почитуван Ректоре, знаете дека беше прекршено нашето уставно загарантирано право на штрајкување во работните простории. Велите дека не сме го најавиле штрајкот. Ректоре, на 07.07.2014 година откако Наставно-научниот совет не’ “линчува“ нас тројцата колеги, на целиот колегиум на самата седница најавивме дека ВЕДНАШ ќе пристапиме кон штрајк со глад. Воедно, за ова го известивме СОНК, каде што сме членови. Бевме советувани од претседателството на СОНК да го одложиме штрајкот со цел да се остави простор СОНК да стапи во контакт со надлежните институции. Ректоре, СОНК испрати известување до Државен просветен инспекторат, Државен инспекторат за труд, Министерството за образование и наука и до Ректорот на Универзитет “Гоце Делчев“. Во Известувањето на СОНК беше кажано дека штрајкот со глад професорите го најавуваат за 08.07.2014 година во 15 часот. Значи, штајкот со глад беше најтранспарентно најавен.

Почитуван Ректоре, по основ на доставеното од нас до Вас Барање за заштита на законитоста, на 09.07.2014 година (среда) добивме Известување од Ваша страна дека сте формирале Комисија. Вашето известување беше дека сте ја задолжиле Комисијата до 11.07.2014 година (петок) да достави Извештај до Вас. За исходот требаше да не’ известите. Ректоре, до 16:30 часот (крајот на работното време) во петок го чекавме Вашиот одговор за заклучоците на Комисијата. Одговор не добивме! Во 16:30 часот го објавивме штрајкот со глад. Ректоре, дојдоа шестмина од Универзитетското обезбедување и бевме исфрлени на скалите пред Економскиот факултет. Во 22 часот дојде Претседателството на СОНК од Скопје и не’ згрижија во Регионалната канцеларија на СОНК во Штип. Ректоре, вработените на Универзитетот од 11.07.2014 година се на колективен годишен одмор, а ние оттогаш, еве веќе 15 дена, сме вдомени во просторија од 25 м2 во на СОНК во Штип.

РЕКТОРЕ, во текот на наставата, претпоставувам дека знаете, со дисперзиите на пет места, не можеме да си ги видиме нашите семејства и малолетни деца. Сега, Ректоре, кога сме на колективен одмор (а половината од него веќе измина) ние во регионалната канцеларија на СОНК во Штип играме претстава во нечија режија, а режисерот го нема.

РЕКТОРЕ, додека сме во Регионалната канцеларија во Штип, со штрајк со глад, ниту еден колега (професор или асистент) од ниту еден факултет од нашиот Универзитет, нема дојдено да ни пружи рака или да донесе шише вода. РЕКТОРЕ, сите ние меѓу себе во нашиот еснаф се ословуваме со терминот “колега“. Дали Ваквата состојба, како прв човек на Универзитетот, Вас ве загрижува?

Ректоре, се извинуваме што Ви го прекинуваме одморот!

Извор: Фактор