Соња Митиќ: Не очекував дека ќе бидам прв говорник на дебатното првенство

Во конкуренција од 120 дебатери, титулата најдобар говорник за 2014 на Национално дебатно првенство ја доби Соња Митиќ. За Радио МОФ, во емисијата „Незадолжителна лектира“, Соња зборуваше за оваа, како што вели неочекувана награда, но и за улогата која дебатата ја има во нејзиниот живот.

[Интервју] Соња Митиќ: Не очекував дека ќе бидам прв говорник на дебатното првенство

Која беше тезата и всушност колку време ви требаше за подготовка?

Тезата на овогодинешното национално дебатно првенство беше „НАТО треба да понуди безусловно членство на земјите од поранешниот Советски Сојуз, со исклучок на Русија”. Тезата бараше прилично опширни историски познавања, информации за глобални случувања како и истражување за моменталната ситуација во овие земји. Но и покрај истражувањето ни требаше околу една недела да ги систематизираме нашите идеи и поенти и да дојдеме до генерална афирмациска и негациска стратегија.

Има многу аспекти од кои може да се гледа оваа теза. Каков импакт би имало ова врз политичките односи и што значи еден ваков потег од страна на интернационалната заедница, дали можеби би имало економски последици и загуби дури и што значи оваа понуда за обичниот граѓанин кој живее во овој регион. Сето ова резултираше со содржински исполнети дебати и воедно ни помогна нас да имаме доволно објективни информации за да го базираме нашиот став спрема она што моментално се случува во овие земји и сите фактори кои имаат удел во тоа.

Дали и колку се подготвуваше за првенството во поглед на подобрување на говорничките поени?

Не знам дали постои начин на кој можеш да се подготвиш за тоа. Во Карл Попер форматот на дебата говорничките поени се ставаат според тоа колку како говорник си придонесол за победата на твојот тим. Иако мислам дека ми помогнаа и претходните искуства, самата желба за победа на тимот и познавањата на оваа тема позитивно се одразија на моите говорнички поени.

Како се чувствуваше кога ти соопштија дека ќе бидеш прв говорник во Македонија?

Не очекував дека ќе бидам прв говорник, но бев прилично радосна кога ми беше соопштено.

Како и зошто стана член од дебатната програма?

Се пријавив кога дебатен предавач дојде во моето средно училиште. Целиот концепт на развивање дебата меѓу младите за политички, економски и социјални теми звучеше кул, па дури и освежувачки.

Кои се твоите впечатоци, какви придобивки има, но и кои се можеби негативните страни од дебатата?

Кога се пријавив не го очекував импактот кој дебатата го имаше врз мојот живот и врз мене како индивидуа. Ми помогна да ги проширам своите познавања за најразлични теми и детално да ги запознаам и разберам проблемите кои го зафаќаат денешното општество. Ми помогна да бидам објективна и критична и аргументативно да објаснам зошто верувам токму во она во кое што верувам и зошто ги застапувам вредностите за кои се залагам. И бидејќи во дебатата има две страни, тоа мене ми помогна да разберам и зошто некој би застапувал спротивно мислење од моето. Иако дебатните турнири понекогаш се напорни, пријателствата кои ги формираме се непроценливи, а сликата од млади луѓе кои се поврзани преку идеи, дебата и активизам ме исполнува.

Александра Филипова