Tiiiit! Inc: На Скопје му е потребен фестивал како „Прво па Женско“

Викендов по втор пат се одржа „Прво па Женско“, настан кој има за цел да поттикне одново промислување на значењето на 8ми март – Меѓународниот ден на жената. За впечатоците од фестивалот Радио МОФ разговараше со Кристина Леловац од Tiiiit! Inc. и Ана Василева од Бори се женски.

Фото: Ванчо Џамбаски

Како сте задоволни од одзивот кај граѓаните на „Прво па Женско“ и интересот за женското прашање?

Кристина Леловац (Tiiiit! Inc.): Ах… сé уште сме во постнатален шок  Ќе ни треба уште малку време да ги средиме импресиите. Генерален впечаток е дека оваа година ППЖ помина супер успешно. Сите активности беа посетени, немаше ниту еден дел од програмата што помина незабележано или со празно гледалиште. Разноврсноста и содржајноста на програмата привлече публика која дојде во петокот попладне, остана до крај, се врати во саботата на пладне и го затвори настанот играјќи на концертот кој беше целосно распродаден. Оттука може да се заклучи дека на Скопје му е потребен фестивал како ППЖ и дека во социо-политичкиот контекст во кој живееме е неопходно да се отвори и постојано да се дискутира женското прашање.

Фото: Ванчо Џамбаски

„Прво па женско“ годинава понуди интересна програма во која учествуваа многу активисти, уметници, јавни личности, граѓани кои дискутираа за положбата на жените во нашето современо општество. Во какви околностите живее денес жената во Македонија?

Кристина Леловац (Tiiiit! Inc.): Несомнено живееме во општество кое е десничарски ориентирано, а во таквите општества жените секогаш го извлекувале подебелиот крај во смисла на тоа дека, не само што се жртви на стереотипизирање, туку и на негативните последици што тоа може да ги има.

Доволно е само да ги споменеме кампањата за трето дете и новиот Закон за прекин на бременоста и на некој начин ја имаме таа некоја јавна слика, некој дискурс кој се протнува како доминантен општествен во кој што живееме и тоа на некој начин ја моделира сликата и доживувањето на жената во нашето современо, ако воопшто така можеме да го наречеме, општество.

Фото: Ванчо Џамбаски

Една од најзабележливите акции на фестивалот беше онаа на „Бори се женски“ која се одвиваше онлајн, преку додавање на 37 значајни жени на Википедија на македонски јазик. Како избиравте кои личности треба да влезат во овој избор и дали ќе продолжи оваа акција?

Ана Василева (Бори се женски): Женска архива 2.0 се создаде како логичен одговор на маскулинистичкиот контекст во Македонија и на македонската интернет сфера. Со оглед на тоа што Википедија е слободна и буквално секој што сака слободно може да става/уредува статии, секоја од Бори се женски направи листа од жени кои сметавме дека се значајни, а добивме и навистина многу написи од други луѓе кои беа во тек со акцијата на Интернет. Би рекле дека нашиот избор беше стихиен, избравме жени што сметаме дека се важни за нашиот јавен дискурс, со тоа што, секако, се придржувавме до правилата за конфликт на интерес на Википедија. Доколку некој смета дека сме испуштиле некоја значајна жена, слободно може да се логира на википедија, и да се постави нова статија. Навистина сме позитивно изненадени и пресреќни поради големиот одзив и поддршката која ја добивме и многу набргу, Бори се женски ќе организира уште една Женска Архива, за што ќе бидете навремено известени.

Tiiiit! Inc.  Беше формирана во 2010 година. Дали „Прво па Женско“, останува главна преокупација или ќе се планираат нови иницијативи и настани?

Кристина Леловац (Tiiiit! Inc.): Изминатиов викенд на ППЖ се случија убави работи кои отворија нови идеи. На следното изданије почнавме да мислиме уште вчера  така што следната година повторно ќе се видиме по овој повод, а за сé што ќе ни текне дотогаш ќе ве известиме навреме.