12 отсто од кривичните дела лани ги извршиле малолетници

Околу 12 отсто од вкупно расветлените 12.984 кривични дела во текот на минатата година биле извршени од малолетници. Од нив, најмногу кривични дела се регистрирани на подрачје на СВР Скопје  или 45%, а за разлика од претходната година има раст на малолетните криминалци од 30 проценти.

полиција

Повторништвото, според податоците од МВР и понатаму е една од најбитните карактеристики на малолетничкиот криминал. Во текот на 2013 година за извршените кривични дела се пријавени 1.184 (723) малолетни лица меѓутоа со оглед дека сториле по повеќе кривични дела (некои од нив и по 30 кривични дела), тие се регистрирани како 2.485 (2.018) сторители. Од пријавените малолетници 1.126 лица или 95 проценти се од машки, додека 58 се од женски пол, а најчесто се пријавувани за вршење имотни деликти.

„Обично делата ги вршеле во групи составени од полнолетни лица, познати сторители на кривични дела, а многу поретко делувале поединечно или пак заедно со други малолетници“, стои во информацијата од МВР.

Во рамки на делата проследени со елементи на насилство, загрижува сé почестата употреба на огнено и ладно оружје, кое честопати го употребувале на јавни места, како што се училишта, автобуси, постојки и слично, повредувајќи притоа свои врсници, а со ваквото однесување предизвикале чувство на страв и вознемиреност кај граѓаните.

Лани малолетниците извршиле 1.337 имотни деликти, од кои 929 тешки кражби. Малолетниците сe јавуваат и како сторители на 62 кривични дела со елементи на насилство, при што станува збор главно за улични разбојништва вршени главно во централното градско подрачје на Скопје. Обично биле дел од групи со повеќемина полнолетни сторители и најчесто со употреба на физичка сила или вербална закана, а поретко со закана со нож или употреба на физичка сила, а најчесто од нивни врсници, одземале мобилни телефони и помали износи парични средства.

„Загрижувачка појава е што малолетниците последниве години се јавуваат и како сторители на потешки разбојништва и на разбојништва во затворени објекти, каде најчесто делувале заедно со полнолетни лица, а при извршувањето користеле огнено оружје и тврди предмети и тоа најчесто при разбојништвата во куќи и станови“, се подвлекува во соопштението од МВР.

Лани полицијата нема регистрирано убиства од малолетници, но затоа од страна на малолетници пак се извршени пет обиди за убиство,  извршени од страна на шест малолетни лица, кои по претходно настанати расправии и тепачки со нивни врсници, им нанесувале најчесто повреди од остри предмети.

Повеќе од двојно се зголемени, во однос на 2012 година, кривичните дела против половата слобода и половиот морал. Така во 2013 година се извршени се 26 кривични дела, од кои во 18 се работи за „полов напад над малолетник кој не наполнил 14 години“. За обележување е што од вкупниот број полови напади извршени во 2013 година, околу 36 проценти се извршени од малолетници.

Од кривичните дела против јавниот ред и мир најзастапено е кривичното дело „насилство“ и тоа 42 дела, односно речиси двојно повеќе во споредба со претходната година. Карактеристично е што се вршат од малолетници кои биле во групи, така што пријавени се 133 малолетни сторители, кои насилно се однесувале кон нивните малолетни врсници. За разлика од лани кога инцидентите помеѓу малолетниците се случуваа во кругот на училиштата, годинава насилничкото однесување е поприсутно во автобуси на јавниот превоз и на автобуските постојки, укажуваат од МВР.

Во областа на недозволената трговија се извршени 18 дела, од кои осум се „овозможување употреба наркотична дрога“, а се извршени од малолетници кои во своите домови им овозможувале на други лица да уживаат дрога. 1.378 сторители малолетниците имаат прекршоци против јавниот ред и мир, а најчесто се пријавувани за „физички напад“ и „учество, предизвикување или поттикнување тепачка“.

Извор: МИА