„Остани чист – не биди муле!“ е мотото на новата кампања за борба против нарко-трговијата

Царинската управа на Македонија од денеска во СУГС „Јосип Броз Тито“ официјално ја започна кампањата за подигнување на јавната свест за борба против нарко-трговијата под мотото „Остани чист – не биди муле, одлуката е твоја“.

„Остани чист - не биди муле!“ е мотото на новата кампања за борба против нарко-трговијата

– Царинските службеници во своето секојдневно работење откриваат случаи во кои се инволвирани голем број на млади луѓе кои свесно или несвесно биле, односно дозволиле да бидат искористени за нарко-трговија. Тоа, како и фактот дека злоупотребата на дрогите претставува проблем од светски размери беше повод Царинската управа да се одлучи за оваа кампања во насока на зголемување на познавање на степенот на штетните последици од користење и криумчарење на дрогата, изјави денеска директорката на Царинската управа Наташа Радеска Крстевска.

Кампањата ќе се одвива преку презентации од стручни лица од Царинската управа во неколку средни училишта во Скопје, Куманово Штип, Битола и Гевгелија.

– Не случајно за целна група на оваа кампања се избрани средношколците. Младата популација е категорија со која лесно се манипулира, а за тоа говорат и податоците со кои располага Царинската управа дека во случаите со кои ние сме запознаени во најголем дел како пренесувачи на наркотични дроги се јавуваат млади луѓе од 14 до 30 години од различни националности кои за тоа добиваат казна затвор од три до 10 години, рече Радеска Крстевска.

Според неа, оваа кампања ќе донесе позитивни резултати и значително ќе се намали трендот на вклученост на млади лица во нарко-трговијата.

Минатата година Царинската управа запленила 934 килограми марихуана и 14 килограми хероин. На почетокот од оваа година запленети се два килограми хероин.