Протести на геј активистите ширум светот против рускиот Закон за хомосексуалноста

Во 19 градови ширум светот денеска се одржуваат протести на активистите за правата на хомосексуалците против руската Влада и донесениот Закон „против нетрадиционалната љубов“.

Протести на геј активистите ширум светот против рускиот Закон за хомосексуалноста

Демонстрациите се одржуваат на само два дена пред отворањето на Зимските олимписки игри, што се одржуваат во Сочи.

На протестите во Лондон, во Париз, во Њујорк, како и во Санкт Петербург, демонстрантите бараат од спонзорите на Олимпијада, да го „кренат својот глас“ против рускиот „анти-геј закон“, објави BBC.

Претставник на организаторите на овој „глобален протест“ во Лондон изјави дека тие сакаат да ги натераат претставниците на компаниите-спонзори на Игрите, како „Кока Кола“, „Мекдоналдс“, „Самсунг“ и „Виза“ – кредитните картички, јавно да зборуваат против Законот што минатата година го донесе руската Дума.

Со контроверзниот закон, во Русија е забрането пропагирање на хомосексуалноста, што на Западот се оценува како напад врз правата на хомосексуалците.

Според Законот, секој кој ќе биде обвинет дека ја рекламира или пропагира хомосексуалноста, на млади под 18 години, ќе биде казнет со висока парична казна. Рускиот претседател Владимир Путин, минатиот месец изјави дека не е точно оти во Русија се забранува хомосексуалноста или дека се прогонуваат хомосексуалците.

Според  Путин, забрането е само пропагирањето на „нетрадиционалната љубов“ со цел да се заштитат младите луѓе.

Денешните протести доаѓаат по повикот на претставници од Меѓународниот олимписки комитет, политичарите да престанат со атакувањето врз Зимските олимписки игри и да им ја остават Олимпијадата на спортистите.