Теона Митевска ќе снима филм за седум скопски ортаци

Теона Митевска наесен ќе почне да го снима својот нов филм „Кога денот немаше име“ – урбана приказна за секојдневието на седум скопски момчиња. Приказната, чија автор е самата режисерка, се случува во текот на 24 часа од еден топол, летен ден во Скопје. Филмот влезе во програмата на Филмскиот фонд на Македонија за 2014 година, а заедно со филмовите на Антонио Митриќески и на Митко Панов доби најмногу пари од буџетот предвиден за годинава, 30 милиони денари.

Сестрите Митевски на ланското „Берлинале“

– Филмот зборува за еден многу тежок ден на тие момчиња. Насловот, кој сѐ уште е работен, ја носи целата симболика на приказната. Дејството се случува во сегашно, актуелно време – вели продуцентката Лабина Митевска.

Интересно е тоа што по неколку филма во кои Теона Митевска се фокусираше главно на женските ликови и на нивните проблеми, таа овој пат во центарот на приказната има исклучиво машки ликови.

– Овој филм ќе се разликува од претходните на Теона и според темата што ја обработува. Во своите филмови таа обично зборува за женските проблеми, а сега првпат по долго време главните ликови се – момчиња. Филмот има мошне компактна и емотивна приказна, а начинот на кој Теона сака да го сними ќе биде сосема поинаков од сето она што досега сме го виделе од неа. Таа како режисер е мошне рафинирана и оригинална токму во тој визуелен израз, кој е различен во секој филм – подвлекува Митевска.

Главните протагонисти во филмот „Кога денот немаше име“, кој зборува за проблемите со кои се соочуваат младите во денешно време во Македонија, се момчиња на возраст од 16-19 години.

– Реалната возраст на ликовите од приказната нѐ упатува на млади актери. Кастингот го планираме за крајот на пролетта и не можам да гарантирам дека сите ликови ќе ги играат професионални актери, туку може да има и некој натуршчик – вели Митевска.

Како што подвлекува, дејството сепак ќе се врти околу еден, централен лик и неговите другари.
На ова остварување Митевска повторно ќе соработува со белгиската директорка на фотографија Виржин Сен Мартин, која работеше и на филмот „Јас сум од Титов Велес“ и на документарниот филм „Јас и Тереза“, посветен на Мајка Тереза, кој во моментов е во процес на снимање.

Во план е снимањето да почне кон крајот на летото. Филмот, како што најавува продуцентката, ќе биде копродукција меѓу три земји, а планираат да конкурираат и за фондовите на Еуроимаж.

Ова ќе биде четврти долгометражен игран филм на Митевска по „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената што си ги избриша солзите“, кој во 2012 година беше прикажан во престижната селекција „Панорама“ на „Берлинскиот филмски фестивал“.

Извор: Нова Македонија