Општините во периодот од 2020 до 2024 година акумулирале ненаплатени побарувања од 2,93 милијарди денари, односно околу 47,8 милиони евра, по основ на даноци, комунални такси и надоместоци, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија.
Ревизорите заклучиле дека мерките и политиките на надлежните институции и единиците на локалната самоуправа не обезбедуваат ефикасно администрирање и навремена наплата на локалните приходи.
Како главни слабости се посочуваат недоречената правна рамка, застарената методологија за процена на недвижностите, нецелосните регистри, различните и неповрзани софтверски системи, како и недостигот од вработени и овластени проценители.
Од ненаплатените побарувања, 1,73 милијарди денари се од надоместоци, 1,17 милијарди од комунални такси и 36,5 милиони денари од даноци на имот. Дури 67 отсто од ненаплатениот данок на имот, или 1,16 милијарди денари, се побарувања постари од пет години. Во истиот период општините отпишале околу 234 милиони денари.
Само 15 општини извршиле ревизија на пазарната вредност на недвижностите, додека најголем дел од комуналните такси се наплаќаат во помалку од една четвртина од општините.
Ревизијата утврдила и слаб надзор: Управата за јавни приходи располага со само еден инспектор за оваа област, а во сите општини има вкупно 16 даночни инспектори, кои немаат овластување да изрекуваат глоби.
Државниот завод за ревизија издал препораки за подобрување на законската рамка, регистрите, наплатата и институционалната координација.



