Во Културно информативен центар – Скопје на 7 април со почеток во 19:19 часот, во Салон 19:19, ќе се одржи промоција на романот „Немам страв“ од Трајче Стамески, во издание на издавачката куќа „ПАНИЛИ“.
Промотори на делото ќе бидат Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска, а разговорот со авторот ќе го модерира Ана Љубиќ. Извадоци од романот ќе читаат студенти од Филолошки факултет „Блаже Конески“, додека како специјален гостин ќе настапи Ема Стамеска.
Романот „Немам страв“ носи психолошка и наративна комплексност, следејќи ја приказната за вдовица која открива ракопис од својот починат сопруг, во кој се појавува непозната жена. Делото отвора прашања за вистината, фикцијата и границите меѓу нив, создавајќи напнатост што го задржува вниманието на читателот до крајот, велат од КИЦ.
Според оценките на Андоновски, станува збор за дело кое комбинира елементи на трилер со психолошка длабочина и современи прозни техники, како полифонија и игра со наративни гласови. Романот се одликува и со експериментален пристап, во кој се спојуваат различни стилски модели и раскажувачки перспективи.
Трајче Стамески е универзитетски професор по книжевност и автор на повеќе научни трудови и монографии од областа на македонската и српската книжевност. Активно учествува во научни проекти, конференции и образовни процеси, а неговиот научен и книжевен ангажман го позиционира како значајно име во современата македонска литература.



