Шегата, иронијата и сатирата во книжевното творештво: Пет препораки за литература по повод „Денот на шегата“

Денеска е Први април, во народот попознат како „Априлилили“ или „Денот на шегата“. Во Македонија овој ден се препознава со тоа што во училиштата децата одат маскирани, се облекуваат во костуми кои асоцираат на нивните омилени ликови од приказните, видео игрите или цртаните, на улиците насекаде има деца под маски, а луѓето обично си разменуваат на шега некоја информација која има за цел да го смени текот на вниманието и да посочи дека, барем денеска, луѓето можат да се опуштат и со доза на шега да ги прифаќаат информациите што ќе стигнат до нив.

Историјата на Денот на шегата од антички фестивали до современи првоаприлски измами

Корените на Денот на шегата се поврзуваат со античкиот римски фестивал Хиларија, кој се одржувал на 25 март, како и со средновековниот Фестивал на шегата на 28 декември – датум кој и денес се одбележува со шеги во земјите од шпанското говорно подрачје. Обичајот за добронамерно шегување со блиските со текот на времето станал прифатен низ целиот свет.

Интересна врска со 1 април се наоѓа и во „Кантербериските приказни“ на Џефри Чосер, каде што во една од приказните лисица го измамува суетниот петел на датум што подоцна се толкува како 1 април, иако оригиналното значење веројатно се однесувало на 2 мај.

Во средновековието, во многу европски градови Новата година се славела на 25 март, а во некои делови на Франција прославите траеле до 1 април. Со воведувањето на новиот календар во 16 век, кога 1 јануари станал официјален почеток на годината, се појавиле шеги насочени кон оние што продолжиле да слават според стариот обичај – практика која некои ја сметаат за почеток на Денот на шегата.

Кога хуморот станува литература

Една од најраните документирани првоаприлски шеги датира од 1713 година, кога писателот Џонатан Свифт објавил дека погубен криминалец ќе се „врати од мртвите“ за да испие пиво во локален паб, што привлекло голем број љубопитни граѓани. Денот на шегата не е само повод за краткотрајни шеги и смеа, туку и одлична можност да се потсетиме на силата на хуморот во книжевноста.

Од суптилна иронија до гласна сатира, многу автори низ историјата ја користеле духовитоста како начин да ја прикажат човечката природа, општеството и апсурдите на секојдневието. Во тој дух, ви предлагаме неколку книжевни дела во кои шегата не е само украс, туку суштински дел од приказната.

  • Дон КихотМигел де Сервантес

Ова ремек-дело е една од најпознатите хумористични книги во светската литература. Приказната го следи Дон Кихот, човек кој верува дека е витез и тргнува да „спасува“ свет што веќе одамна не постои. Неговите авантури се полни со апсурдни ситуации – борба со ветерници, замислени непријатели и комични недоразбирања.

Хуморот произлегува од судирот меѓу неговата фантазија и реалноста, но и од топлата, човечка иронија со која Сервантес ги прикажува своите ликови. Овој класик се најде на листата на 10 сатирични безвремени книги на Irrelevant Metters чија улога е да му порачаат на читателот дека меѓуредови светот е полн со апсурд и шегата е најдобар начин да се справиме со него.

  • Автостоперски водич низ галаксијатаДаглас Адамс

Овој роман е вистинска прослава на интелигентниот и апсурден хумор. Започнува со уништувањето на Земјата, по што главниот лик Артур Дент патува низ вселената и се соочува со најнеобични суштества и ситуации.

Делото постојано се шегува со науката, бирократијата и смислата на животот, создавајќи уникатна комбинација од фантастика и сатира. Хуморот е брз, духовит и често филозофски.

  • Квака 22Џозеф Хелер

Станува збор за сатиричен роман кој ја прикажува апсурдноста на војната преку црн хумор. Главниот лик Јосаријан се обидува да преживее во систем што е полн со нелогичности. „Квака 22“ станува симбол за ситуација од која нема излез – и токму во таа безизлезност се раѓа и хуморот.

Книгата е истовремено смешна и длабоко критичка, покажувајќи како шегата може да биде средство за разобличување на сериозни општествени проблеми. Таа се наоѓа на листата најсмешни книги на реномираниот издавач Penguin Books.

  • Добри предзнациНил Гејман и Тери Прачет

Овој роман е духовита приказна за крајот на светот – кој, всушност, никој не сака да се случи. Ангел и демон, наместо да се борат, стануваат пријатели и се обидуваат да ја спречат апокалипсата. Книгата изобилува со саркастичен хумор, иронија и интелигентни шеги на сметка на религијата, општеството и човечките навики. Текстот е лесен за читање, но многу слоевит во својата духовитост.

  • Тројца во чамец (без кучето)Џером К. Џером

Класичен хумористичен роман кој ги следи тројца пријатели на патување по реката Темза. Наместо голема драматика, книгата се фокусира на секојдневни ситуации кои стануваат комични преку претерување и духовити набљудувања. Хуморот е топол, ненаметлив и полн со ситни животни шеги, што ја прави оваа книга вистинско уживање за читање. Книгата се најде на листата на најдобрите хумуристични романи на Literature Legends.

Магдалена С. Констанинов